Четири земји одбиваат да ја финансираат Украина, Германија се заканува со блокада на буџетот на ЕУ

Од:

Европската комисија планира да предложи нов заем од 45 милијарди евра за помош на Украина, кој ќе биде гарантиран со средства од заедничкиот буџет на Европската Унија. Предлогот доаѓа во време кога Киев се подготвува за најтешката зима од почетокот на руската инвазија, објави „Фајненшл тајмс“.

Проценките се дека на украинскиот буџет следната година ќе му недостигаат 70 милијарди евра. Европската комисија се обврза да покрие две третини од оваа сума и ги повика останатите западни сојузници да ја зголемат поддршката.

Според информации од четири извори запознаени со планот, Комисијата во среда ќе им претстави на земјите членки предлог за задолжување на товар на буџетот на ЕУ. Моделот на финансирање би бил ист како оној што беше искористен за постојниот заем од 90 милијарди евра за Киев.

Овие средства беа наменети за потребите на Украина во текот на оваа и следната година, но зголемените воени разурнувања создадоа дополнителен финансиски недостиг. При претходниот заем, Чешка, Словачка и Унгарија добија ослободување од плаќањето на каматите.

За новиот заем од 45 милијарди евра потребна е согласност од сите 27 земји членки. Сепак, истите три држави, на кои им се приклучи и Бугарија, веќе најавија дека не планираат да учествуваат во идното финансирање на Украина.

Овој став го поттикна германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела да се закани со блокада на договорот за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година. Тој ја условува согласноста на Германија со учеството на сите земји членки во финансирањето на Украина следната година и во иднина.

Германија е најголемиот уплатувач во буџетот на ЕУ и најголемиот билатерален европски донатор на Киев. Од друга страна, четирите земји што се противат на учеството во финансирањето се нето-корисници на средства од европскиот буџет.

По заканата на Мерц, одлуките за помошта за Украина и за заедничкиот буџет на Унијата станаа тесно поврзани, потврдиле три извори запознаени со преговорите.

Лидерите на ЕУ ќе разговараат за двете прашања на состанокот во Брисел на 26 и 27 ноември, а целта е договор да биде постигнат до крајот на годината.

Поврзувањето на овие теми се смета за начин да се обезбеди идното финансирање на Украина и да се спречат можни вета. Така, земјите што зависат од средствата од европскиот буџет ќе мора да избираат меѓу поддршката за Киев и ризикот да останат без европски пари.

„Со тоа влогот станува поголем, но истовремено значи дека нема шанси овие прашања да се решаваат одделно. Сè е дел од еден голем пакет“, изјавил еден од изворите.

Портпаролот на Европската комисија одбил да ги коментира информациите. Во Брисел и Берлин постои загриженост дека обезбедувањето средства за Украина ќе станува сè потешко поради претстојните избори во Шпанија, Франција, Италија и Полска.

Лидерката на француската десница, Марин Ле Пен, која според анкетите води пред претседателските избори во април, веќе најави дека ќе ја прекине поддршката за Украина доколку стане претседателка.

Сепак, дел од претставниците предупредуваат дека ваквата тактика може да има спротивен ефект доколку земјите добијат впечаток дека се уценувани.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, напишал дека „договорот за идното финансирање на Украина не смее да биде предуслов за усвојување на следната повеќегодишна финансиска рамка“.

Во писмото, во кое медиумите имале увид, Бабиш додава дека „Унијата мора да ја задржи способноста да ги дефинира и финансира сопствените долгорочни политики и приоритети, без оглед на развојот на ситуацијата“.

Загриженост изразиле и земји кои ја поддржуваат Украина, меѓу нив и Ирска.

„Некои земји сега го поврзуваат ова со преговорите за буџетот на ЕУ, што донекаде ме загрижува. Сепак, разбирам зошто го прават тоа, бидејќи некои држави дадоа многу значајни придонеси“, изјавил ирскиот премиер Михол Мартин на минатонеделниот самит на лидерите на ЕУ.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Зеленски: Онеспособивме повеќе од 55 отсто од руските капацитети за преработка на нафта

Европа договори преговарачки тим за Украина: Пет земји и институциите на ЕУ ќе разговараат со Русија и САД

Европа ги отфрли руските барања за мировните преговори за Украина

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Поранешен портпарол на украински премиер ранет во експлозија на автомобил во Москва

(ВИДЕО) Зеленски се надева на договор за прекин на огнот: Европски претставници ќе учествуваат во следната рунда преговори

(ВИДЕО) Путин: Странски трупи во Украина за нас се непифатливи и ќе бидат легитимна цел