Најбрзиот атлетичар на светот Усеин Болт од Јамајка ја поврати светската титула победувајќи на трката на 100 метри на Светското првенство во Москва. На претходното СП во Даегу, поради погрешен старт Болт беше дисквалификуван.
Болт по дождливо време патеката ја истрча 9.78 секунди што е најдобро негово време оваа година. Среброто му припадна на Американецот Џастин Гетлин, кој имаше 9.85 секунди (најдобро негово време во 2013 година), а бронзата ја освои Неста Картер од Јамајка со време 9.95 секунди.
Првиот златен медал од денешната програма му припадна на Русинот Александар Иванов, кој најбрзо ја мина патеката од 20 километри – брзо одење со најдобро лично време 1:20.58 час. Среброто го освои Динг Чен од Кина, а бронзата му припадна на Мигуел Анхел Лопез од Шпанија и двајцата со најдобри времиња сезонава.
Најуспешен десетобоец е Американецот Ештон Итон со 8.809 поени најмногу сезонава. Германецот Михаел Шрадер освои 8.670 поени што беше доволно за второто место, а трет заврши Демјан Ворнер од Канада со 8.512 поени.
Во скок во далечина Американката Бритни Рајс по трет пат стана светска шампионка и со тоа ги мина легендарните Хајке Дрекслер, Џеки Џојнер Керси и Фиона Меи, кои имаат по две злата во оваа дисциплина. Рајс до златото стигна со скокот од 7 метри и 1 сантиметар. Два сантиметри (6.99 метри) покус скок имаше „сребрената“ Блесинг Окагбаре од Нигерија, а Ивана Шпановиќ од Србија со 6.82 метри (национален рекорд) доскокна до бронзата. Иста должина имаше и Вола Сударава од Белорусија, но Србинката имаше подобра серија скокови.
Очекувано златниот медал во флање диск кај жените и припадна на најдобрата оваа сезона Сандра Перковиќ од Хрватска со 67.99 метри. Втора заврши Мелина Роберт Михон од Франција (66.28 метри), а трета Јарелис Бариош од Куба (64.96 метри).
На трката од 10.000 метри победи олимписката шампионка Тирунеш Дибаба од Етиопија со време 30:43.35, пред Гледис Чероно од Етиопија и сонародничката Беланеш Олјира.