Стапката на невработеност во еврозоната во март падна на најниско ниво во историјата, на 6,8 отсто од активното население, што е за 0,1 поен помалку од претходниот месец, соопшти денеска статистичката служба на ЕУ, Евростат.
Февруарската стапка, првично објавена на 6,8 отсто, е ревидирана до 6,9 отсто. Од декември, стапката е на најниско ниво од 1998 година.
За целата Европска унија, невработеноста во март исто така достигна историски најниско ниво од 6,2 отсто.
Пазарот на трудот имаше корист од силното закрепнување на европската економија што почна во пролетта 2021 година, по историската рецесија поврзана со пандемијата на Ковид-19.
За една година – од март 2021 до март 2022 година, невработеноста падна за 1,4 поени во еврозоната и за 1,3 поени низ ЕУ.
Подобрувањето е уште поизразено кај младите: стапката на невработеност кај оние под 25 години падна за 4,5 поени во однос на март 2021 година во еврозоната и достигна 13,9 отсто, исто како и во ЕУ.
Сепак, околу 13,37 милиони луѓе се невработени во 27-те земји-членки, вклучувајќи 11,27 милиони во 19 земји од еврозоната.
Војната во Украина фрла сенка врз изгледите за следните месеци, бидејќи изгледите за економски раст во ЕУ се драстично ревидирани надолу, а инфлацијата расте.
Растот на бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната забави на 0,2 отсто од јануари до март, во споредба со претходниот квартал. За цела 2022 година, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за раст на 2,8 отсто, а претходно очекуваше 3,9 отсто.
Меѓу членките на ЕУ, највисоки стапки на невработеност во март имале Шпанија (13,5 отсто), Грција (12,9 отсто) и Италија (8,3 отсто).
Најниска стапка на невработеност имале Чешка (2,3 отсто), Германија (2,9 отсто), Малта и Полска (по 3,0 отсто).
Извор: МИА