Се движиме по работ на опстанокот

Од:

Поминаа 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ. Македонија и нејзините граѓани повторно ги славеа своите два Илиндена. Земајќи ги предвид историските факти за двата грандиозни настана од минатото, сегашноста на нашата земја во најмала рака е загрижувачка. Зборот „слобода“ бил копнеж, стремеж и идеал на илинденските востаници. За тој збор сонувале, бунтувале и умирале.

Да можат славните илинденци да станат од своите гробови за да видат каква е состојбата со слободата во Македонија, веројатно од разочараност би извршиле колективно самоубиство на Мечкин Камен. Истото би го сториле и делегатите на Првото заседание на АСНОМ. Оние кои на почетокот на заседанието стоечки ја пееле „Изгреј сонце на свободата“, денес би биле сведоци на зајдисонцето на таа слобода.

Кога истите, од денешна временска дистанца би си спомнале на зборовите на најстариот делегат, Панко Брашнаров: „Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден во неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава во која ќе се обедини и заживее македонскиот народ…“ би им паднал мрак на очи од сознанието дека Македонија и Македонецот треба денес да се доослободуваат и дека народот е разединет како никогаш до сега. Дополнително разочарување би доживеале кога би осознале дека по безмалку седум децении од донесувањето на Декларација на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија денес во недемократска Македонија човековите права се кршат секојдневно.

Сакале да си признаеме или не, живееме во земја која се движи по работ на опстанокот. Проблеми има многу, но еден од најголемите е девалвација на слободата. Доколку нашата земја успее да ја воскресне слободата со сите нејзини нишани, ќе направи огромен исчекор во своето постоење. На тој начин ќе се создадат реални услови за решавање на сите останати проблеми. Само слободни луѓе можат вистински да ги прифатат предизвиците кои се исправаат пред нив. За жал, живееме во време кога лагата ја има доминацијата над вистината. Секој обид да се обелодени вистината, таква каква што е, наидува на ѕидот на квази-вистината конструиран од луѓето од актуелната власт. Партиско-владината пропагандна машинерија, предводена од познатите медиумски мешетари и барабанџии, се претвора во јавна пералница на човечки мозоци, при што вистината се презентира како лага а лагата како вистина. Згора на тоа, на оние чии мозоци им остануваат неиспрани, им се заканува замолчување во повеќе можни варијанти.

Според она – „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, неопходно ќе биде знаењето наизуст на приказната за царот Трајан и неговите козји уши. Тоа знаење ќе им биде од непроценлива полза на луѓето. Ќе мора во Македонија да се ископаат многу дупки во кои секој што мисли поинаку од власта, ќе може да го каже своето мислење за пастирот и неговиот однос кон стадото, за методите на стрижење и за одземеното право на слобода. Таа приказна ќе продолжи, па кажаното во дупките ќе создаде чудесна вегетација од дрвја… од дрвјата ќе бидат направени свирчиња кои подоцна ќе овозможат вистината да излезе на површина.

За среќа, не е мал бројот на луѓето кои не можејќи да чекаат на долгиот процес „од дупка до свирче“, имаат верба, волја и храброст да се борат за својата слобода, да мислат со своја глава и да го кажат тоа што го мислат. Сите тие луѓе веројатно ќе се сложат дека оној што штрајкува со глад, како и оние кои гладуваат со штрајк во душите, и’ припаѓаат на иста земја, како и тие кои ги довеле до такво дереџе. Тие луѓе добро знаат дека скопскиот земјотрес беше и помина пред 50 години (не дај боже да се повтори такво нешто), но се загрижени за македонскиот земјотрес кој континуирано ја тресе нашава земја цели седум години (секоја година по еден Рихтер погоре). Тие слободоумни луѓе би биле истомисленици во врска со тезата дека магарешкиот инает секогаш резултира со магарешка клупа… дека е невозможно сите земји од Европа да се црни овци, а само ние (Македонија) да сме бело јагне. Владата под итно треба да го прифати минатогодишното барање на македонската дијаспора за повторно формирање на Министерство за иселеништво. Министерот што ќе го именуваат ќе мора секој месец да зема поголема плата, поради владината хиперпродукција на нови иселеници. Како што тргнала работата, Македонија ќе ја има секаде, само не и во Македонија.

За да се опише актуелната состојба во Македонија, неопходна е зачестена употреба на префиксот „суб“. Па така, во услови на на СУБцивилизациско однесување на власта, Македонија е соочена со СУБдемократичност, СУБвредносен систем, „фамилијарна“ СУБституција во економијата, народот е присилен на СУБординација (потчинетост) а СУБвен- циите во земјоделството, без развојна компонента, стануваат единствен легален начин за купување незаслужена доверба… се’ поголем е бројот на граѓаните кои поради сиромаштијата имаат СУБстандардни услови за живеење. За ваквата состојба „независните“ медиуми СУБјективно ја информираат јавноста, обвинувајќи ја опозицијата за СУБверзивно однесување. Во вакви СУБопштествени прилики, сосема за очекување беше појавата на СУБрата Рој.

Се разбира, смелоста да го помислите сето тоа, а и да го кажете, може да ја платите на различни начини, во зависност од тоа колку силно сте стапнале врз премиерскиот нерв. Може да ви се закануваат, да ве анатемисуваат, да ве прогласат за соросоиди или предавници, да ве лустрираат, да ве притворат или затворат… Кажаниот збор во името на слободата, може да го платите со вашата слобода. Најлесно ќе поминете ако ве олеснат за неколку илјади евра. Каква е таа правда кога на премиерот му е дозволено некои нешта да ги доживува многу емоционално, со чувство на загриженост и внатрешен немир, а вам сите емоции да ви се забранети, дури и тогаш кога некој од ракав ќе ве обвини дека сте, на пример, грчки платеници. Најлошо од се’ е дека по нечија волја, станувате предмет на омраза. Нобеловецот Иво Андриќ, меѓу многуте паметни работи, ја напишал и оваа: „Во земјата на омразата, најмногу го мразат оној што не знае да мрази“. Се прашувам, дали се свесни тие кои мразат од задоволство, дека маневрирајќи со слободата на оние кои се предмет на нивната омраза, стануваат и самите неслободни патници кон еден беден ќорсокак.

Давајќи си самите преголема слобода во практикувањето на самоволието, луѓето од власта посегнуваат и по сопствената слобода. Не можат да бидат слободни оние кои сечат дрвја во три часот по полноќ. Можеби некој телевизиски новинар со потзасукани ракави, погледнувајќи во својот часовник, ќе се обиде да ве убеди дека тоа е резултат на остварувањето на власта-24/7, но тогаш секому треба да му биде јасно „колку е часот“ во земјава која се’ повеќе останува со кратки ракави. Логично би било на телевизискиот спин мајстор (еден од најнеслободните луѓе во државата) гледачите да му постават прашање – зошто премиерот во три часот по полноќ не ги реализира своите омилени дисциплини: фрлање лопати, сечење ленти, држење говори и сл. Наместо да се губи време во чекање одговор, Гете е тој што може да ви помогне. Тој напишал: „Слободни сте ако ви е чиста совеста“. Ако за граѓаните на Македонија со ограничена слобода може да биде некаква утеха, тогаш треба да знаат дека оној кој од позиција на премиер им ја скусува слободата е понеслободен од сите нив.

Зоран Заев, претседател на СДСМ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска