Со усвојувањето на Нацрт-урбанистичкиот план за Стар Дојран, Сретеново и граничниот премин, општина Дојран наскоро туристичката понуда ќе ја збогати со модерен терен за голф кој ќе се гради во месноста Судино кај Сретеново.
Површината на планскиот опфат изнесува 88 хектари од кои на 60 хектари ќе се простираат терените за голф кои ќе се уредат по сите светски стандарди за да може на нив да се организираат меѓународни турнири.
На највисоката кота на просторот, од каде се пружа панорамски поглед на голф терените и езерото, ќе се гради хотелски комплекс со капацитет од 500 легла и луксузни вили со капацитет од 1.500 легла.
Проектот има цел на Дојран да му овозможи услови за промоција на спортот и да го претвори регионот во висококвалитетен спортско-рекреативен и угостителски центар од светски ранг, кој се очекува да привлече повеќе туристи и странски инвестиции.
Од локалната самоуправа потврдија дека планскиот документ е изложен во просториите на општината и дека наскоро се очекува и стратегиската оценка за влијанието врз животната средина, по што се очекува и негово капитално заживување на теренот.