Регионалниот лидер на Каталонија Пере Арагонес денеска ја обвини шпанската влада за шпионирање на нејзините граѓани, откако група за човекови права соопшти дека неговиот телефон и телефоните на десетици други застапници за независност на Каталонија биле заразени со шпионскиот софтвер Пегасус, што го користат некои земји.
Групата за дигитални права Citizen Lab откри дека повеќе од 60 луѓе поврзани со каталонското сепаратистичко движење, вклучително и неколку членови на Европскиот парламент, биле цел на шпионскиот софтвер развиен од израелската група НСО.
„Тоа е срам и исклучително сериозен напад на основните права и демократијата“, напиша Арагонес на Твитер.
Тој ја опиша употребата на софтверот за надзор како преминување на „црвената линија“ и побара објаснување од шпанската влада.
Групата Citizen Lab наведува дека сите претходни напади со вируси во Каталонија се случиле помеѓу 2017 и 2020 година, по неуспешниот обид на овој автономен регион да се стекне со независност, по што Шпанија се најде во најдлабоката криза во последните неколку години.
Извор: МИА