Резултатите за работењето на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија за првата половина од годинава покажуваат продолжување на трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а драстично намалување на приходите од говорните услуги.
Според денешното соопштение од компаниите, во текот на првото полугодие од годинава година, приходите на ниво на Групација изнесуваат 6,3 милијарди денари што претставува намалување од 9,2 проценти во споредба со истиот период лани. Нето добивката е намалена за 39,5 проценти и изнесува 1,1 милијарди денари.
Во соопштението се наведува дека и покрај негативните трендови Македонски Телеком, според интерните проценки, зазема 71 процент од пазарот во сегментот на фиксна телефонија и 53 проценти во широкопојасниот интернет.
Наспроти падот на приходите од говорните услуги, расте интернет и IPTV сегментот. Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемени за 8 проценти во споредба со првото полугодие од минатата година. Фокусот на double и triple play пакетите, според соопштението, донел зголемување на DSL корисниците за 10 проценти со што корисничката база на DSL на крајот на јуни годинава е 180 илјади корисници.
– Иако Македонски Телеком, со IPTV услугата влезе како предизвикувач на пазарот што веќе беше доминиран од страна на операторите на кабелски телевизии постигна 58 проценти зголемување на бројот на IPTV корисници во споредба со крајот на јуни 2012 година. Како резултат на квалитетната услуга, интерактивноста и единственото ТВ искуство, корисничката база во вториот квартал достигна број од 80 илјади корисници, се вели во соопштението.
Оперативните расходи во првото полугодие од 2013 година, оценуваат од компанијата, остануваат релативно стабилни споредено со истиот период лани.
Според соопштението, Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот на мобилната телефонија со 48,1 проценти удел според интерните податоци. Намалувањето на приходите се должи на намалувањето на приходите во говорните малопродажни услуги. Но, и покрај силната конкуренција, корисничката база на Т-Мобиле на крајот на јуни годинава е 1,2 милиони корисници.