Најмалку 67 Палестинци се повредени во судирот со израелската полиција, што се случи во близина на џамијата Ал Акса во Ерусалим.
Полицијата реагирала откако група Палестинци фрлала камења кон Ѕидот на плачот, свето место за Евреите. Според израелското министерство за внатрешни работи, полицијата не влегла во џамијата и чекала да заврши молитвата и да се разотидат верниците. Во соопштението исто така се наведува дека десетина маскирани лица носеле палестински и знамиња на Хамас додека влегувале во џамијата и собирале камења.
Палестински претставници тврдат дека израелската полиција во зората влегла во џамијата Ал Акса, каде илјадници верници присуствувале на молитва по повод Рамазан.
Хамас веднаш го осуди „бруталниот напад“ врз верниците во Ал Акса и се закани дека Израел ќе ги сноси последиците.
Џамијата Ал Акса е изградена на Ридот на храмот, најсветото место за Евреите, а муслиманите го нарекуваат Возвишено светилиште (Харам ал-Шариф).
Протестите и судирите со полицијата во Ерусалим за време на Рамазан минатата година прераснаа во 11-дневна војна со Хамас.
Извор: МИА