Годишните одмори го пролонгираа рокот за усогласување и усвојување на извештајот на Комисијата задолжена за расветлување на собраниските настани од 24. декември 2012. година.
Сега наместо на 14. август, на 24. август ќе се знае дали ќе има усогласен Извештај за она што се слушуваше на 24. декември, „Црниот понеделник“.
Дел од членовите на Комисијата се вратија од одмор, но дел сега заминаа, па таа веќе две недели не може да работи во полн состав. На одмор е и надворешниот член на Комисијата, Белгиецот Петер Ванхоуте, па се смета дека со неговото доаѓање составот би бил комплетен.
Комисијата почна со работа кон средината на јуни составена од по два членови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а за претседател беше поставен деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски. Давитковски еден месец подоцна поднесе оставка. Беше разочаран бидејќи не можеа да се усогласат ставовите на партиските преставници околу дел од точките во извештајот.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и понатаму се цврсто забарикадирани на своите ставови.
ВМРО-ДПМНЕ бара Комисијата, по оставката на претседателот Борче Давитковски, да продолжи да работи само со четворицата партиски членови, додека СДСМ инсистира да се избере нов претседател, кој би бил петтиот, неутрален член на ова тело, по што ќе може да се носат одлуки.