Најмалку 48 лица загинаа, вклучително и една пратеничка, а 108 се повредени вчера кога двајца бомбаши самоубијци извршија напад во регионалната престолнина Беледвејн во централниот дел на Сомалија.
Пратеничката Амина Мохамед, која беше во Беледвејн во рамки на нејзината предизборна кампања, е меѓу убиените во самоубиствениот бомбашки напад, заедно со други политичари и припадници на безбедносните сили, изјави за ДПА портпаролот на полицијата Хасан Диисоу.
Според извештаите, мета на првиот напад била Мохамед, додека, неколку минути подоцна, вториот бомбаш-самоубиец кој управувал автомобил ги нападнал воените возила со жртвите од првата експлозија.
Одговорноста за нападот ја презеде исламистичката терористичка група Ал Шабаб преку радио станицата Андалус.
Нападот се случи истиот ден кога борците на Ал Шабаб насилно влегоа на аеродромот во Могадишу, при што според сомалиските власти загинаа осум лица.
Сомалија, каде живеат околу 16 милиони луѓе, со години го трпи насилството на Ал Шабаб. Терористичката група, која контролира огромни делови од територијата во јужните и централните региони, често напаѓа припадници на безбедносните сили и цивили.
Извор: МИА