Илинденски победи и порази

Од:

Големите историски датуми станаа покритие за неостварените стратешки цели

Без доволно усет за времето во кое живееме, без едно прозорче од 21 и кон 22 век и овој Втори август, нашите политички лидери не’ вратија во минатиот век. На крајно пропагандистички начин, без ниту една современа нитка се одбележани еден историски значаен датум и историски најзначајната победа. Големите плетачи на мрежи ги измешаа сегашните порази со трите илиндена, со историските настани и победи од пред 110, пред 69 и пред 22 години. Големите датуми станаа покритие и оправдување за неостварените стратешки цели на Република Македонија и нејзините граѓани.

И годинава главната политичка sвезда премиерот Никола Груевски стаса на Мечкин Камен. Претседателот на државата, пак, Ѓорге Иванов, пристигна речиси конспиративно кај партизаните на Пелинце. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски имаше најкуса патека, пеш до скопскиот плоштад пред споменикот на Ченто. Народот што спонтано, што организирано со автобуси и со автомобили, на голема жештина во портокалова фаза и зрачење, стаса на историските места да ги чуе старите говори за нови надежи, за подобро утре и посветла иднина.

Пишувачите на говори и овој пат немале многу проблеми. Старите стереотипи и ветувања уште важат, а најдобро е кога ќе се измиксаат пораките од последните неколку говори. Мора да има големи победи, многу патриоти и херои, не помалку предавници и непријатели. Мора да има нова надеж, нови соништа и верба дека одиме по вистинскиот пат. И ете го говорот, склепан како треба. Премиерот Груевски овој пат се потруди во неговото обраќање до граѓаните на Македонија да внесе и едно-две изненадувања. На Мечкин Камен инспиративно побара нов мегдан за нова битка со Елините. Високо ја крена раката и го повика преку ОН грчкиот премиер Самарас да излезат еден спроти друг, да седнат на маса со своите соработници и да најдат решение „прифатливо за двете страни“, како што тоа го прават на крајот сите и по најдолгите и најмачни спорови и војни. Груевски е убеден дека такво решение има ако има волја од двете страни да се реши најбесмислениот проблем на светот.

Досега, тоа што беше прифатливо за Македонија не беше прифатливо за Грција и обратно, тоа што беше прифатливо за Грција не беше прифатливо за Македонија. Добрите познавачи на еднострано наметнатиот спор од Грција велат дека преку разни форми во изминатите две децении се понудени стотици најразлични предлози и варијанти сите до една неприфатливи за двете страни. Грција ултимативно ги изнесе своите црвени линии: географска додавка на уставното име Република Македонија за сите употреби. Македонија не испорача црвени линии јавно и консезуално како Грците. Освен за конечната одлука да биде распишан референдум. Досега, во изминатите години по кандидатскиот статус на Македонија за прием во ЕУ во спорот со Грција, во загуба е само Македонија. Блокирана е нејзината безбедност и иднина.

Премиерот Груевски бара од ОН, нова форма на директни преговори, да седне Самарас на маса спроти него за најверојатно да му ја врачи понудата да се најдат негде на половина пат. Без таква понуда Груевски знае дека нема решение, конечно тргна по патот да покаже пред светот дали Грција сака компромисно решение. Дали Самарас и ОН ќе го почујат повикот на Груевски од Мечкин Камен ќе видиме многу бргу, за неколку дена веднаш по средбата на Самарас со Обама. Нам дотогаш ни преостанува да претпоставуваме што овој пат мислеше Груевски кога рече дека во директни преговори е можно прифатливо решение за двете страни. Дали тоа евентуално наоѓање на половина пат значи уште една понуда за двојно решение, Македонија да го задржи уставното име дома и на меѓународен план според билатералните договори со земјите во светот кои ја признале под уставно име, а ЕУ, ОН и Грција да не’ нарекуваат со име кое носи географска додавка, Горна, Северна… што ќе го договорат двете страни. И толку ништо повеќе. Се’ друго е во доменот на уставното име, нација, јазик, идентитет. Мати памет референдумот. Не нашиот, туку грчкиот. Ако воопшто дојде до директни преговори и прифатливо решение меѓу Самарас и Груевски, во што никој не верува, тогаш референдумското изјаснување што го бара Груевски за себе, не може да му го скрати на Самарас. Ако Грците и Македонците се изјаснуваат на референдум за името Македонија, решение е можно само на свети никогаш. Значи сосема изгледно е дека и Самарас и Груевски прават пред своите народи и пред светот уште еден маневар за да нема решение. Разликата е во тоа што и овој пат само ние сме губитници.

Што се однесува до другите два говора на претседателот на државата Иванов и на претседателот на Собранието Вељаноски нивните пораки можат да се раскажат во една реченица. Лошо е кога големите победи кои значат остварување на вековните стремежи се одбележуваат срамежливо. На билбордите, АСНОМ наместо 1944 осамна како 1945 година. Што мислите дали е можно Илинден 1903 да осамне како Илинден 1904. Грешката АСНОМ 1945 е само уште еден алармантен сигнал, или поточно тревога, дека амнезијата на НОБ, најголемата антифашистичка победа не е случајна. НОБ во Македонија седум години се слави само преку револуционерните личности кои биле онеправдани и жртви на комунистичкиот систем. Се’ друго од големата антифашистичка епопеја и прва национална современа држава во историјата на Македонскиот народ и народности е сведено далеку под нивото на античките херои од пред Христа. Сами ги уриваме најцврстите темели.

Ерол Ризаов

Колумната е преземена од Утрински весник

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска