Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денес дека не е сигурен оти на Бугарија ќе и биде лесно да го запре увозот на гас преку гасоводот Турски тек, јави дописникот на МИА од Белград.
-Бугарија кажа дека ќе го прекине својот увоз на гас, не сум сигурен дека тоа е толку лесно, изјави Вучиќ на новинарите и додаде дека Србија ќе ја плаќа транзитната такса за транспорт на гас од Русија, преку гасоводот Турски тек низ Бугарија.
-Ние велиме дека го сакаме рускиот гас од Турски тек, вие нас пуштете не до нашиот гасовод, ние тоа го плаќаме, а што е тоа што сакате, тоа е ваша работа, ние немаме проблем, изјави Вучиќ.
Поради војната во Украина, Бугарија, како што објавија медиумите, нема да го обнови договорот за снабдување со природен гас со руски Газпром. Се разгледуваат алтернативни испораки и иден заеднички договор со ЕУ за да се избегне недостатокот на овој извор на енергија, изјави во саботата вицепремиерот на Бугарија Асен Васиљев.
Бугарија го добива речиси целиот гас преку десетгодишен договор со Гаспром кој истекува на крајот на 2022 година. Со години, таа ги одложуваше проектите за диверзификација на своите извори, вклучително и поврзување на гасоводот со соседна Грција и проширување на капацитетот за складирање гас во земјата. Бугарската влада се обидува да ги забрза двата проекта поради страв дека војната во Украина може да предизвика поголемо пореметување, пренесе агенцијата Бета.
Вучиќ истакна дека за Србија е добро ако може да има „некој друг гас“, секогаш, како што кажа, „се е добредојдено“.
Според него, сега тешко е со некого да се разговара рационално, бидејќи „кога ќе почне хистеријата низ целиот свет, тоа е невозможно, па подобро е кога ќе помине малку време да видиме како ќе правиме“.
-Доаѓаат летните месеци кога потрошувачката е помала, па полесно ќе преживееме. Германците се подготвуваат за зима, па и Србија мора да почне да се подготвува за зима од 1 мај. Очигледно, сите заедно ги чека тешка и напорна зима, порача Вучиќ.
Извор: МИА