Церемонијата на доделување на наградите БАФТА не се одржа минатата година поради Ковид 19, а сега се организира среде војната во Европа. Многу актери одлучија јавно да ја поддржат Украина и да испратат порака до рускиот претседател Владимир Путин.
Тоа најсликовито го направи австралиската актерка Ребел Вилсон, водителката на церемонијата, која со средниот прст го „поздрави“ рускиот претседател.
„Во овој настап имаме двајца преведувачи на знаковен јазик, едниот покажува американски знаковен јазик, додека другиот е задолжен за британскиот. За среќа, на сите знаковни јазици ова е порака за Путин“, рече таа, кревајќи го средниот прст.
Публиката ја награди со громогласен аплауз. Покрај тоа, многу ѕвезди носеа панделки и беџови за поддршка на Украина.