КИЧ ИДОЛАТРИЈА (2)
Во еден неодамнешен текст Христо Петрески цитира некој новокомпониран македонски пејач, кој вели: „ако сакате да продадете нешто – тоа мора барем малку да содржи кич“. И заклучува дека „тоа, очигледно, значи дека произведувачите и продавачите на кичот веќе располагаат со повисоката свест дека кичот е неминовен, дека е тој бизнис и дека може од него да се заработи“. И Христо има право. Работата е во свеста! Треба да си свесен во какво време, и каде, живееш, и да се прилагодиш на дадените услови. Ако можеш. Ако не, не те бива ни за бизнис, а камо ли за нешто друго!
А кичот, богами, кај нас, покрај пипците длабоко пуштени и во сите строго државни работи, стана и вносен бизнис. На него сите заработуваат. Ете, сега, и професори, колумнисти или што ли се, новинари, уредници, уметници … сите џогираат на трим патеката на кичот очекувајќи нешто да капне. Не мора да тече, нека капе. Има ли поголем кич од циркуското прикажување на најновите хорор-кич дела на Сарајлија во рамките на ординарно кичестата претстава на Министерството за култура наречена „Кич, да? Сте или не?!“, овојпат во продукција на слааавната Дирекција за кич, пардон, за култура и уметност! Каков бизнис тера бившиов авангардист, и Дирекцијата со него, да се чудиш. Аце и Роксана, гушнати, таа со стомаче, го носи наследникот на Ацета Велики … Или, можеби, тоа се Филип и Олимпија, а во мешето се прпелка малиот Аце? Тугооо, каква „уметност“!
2.
Во онаа омразенана СФРЈ, каде Македонија немаше шанси да се реализира дури ни на планот на уметноста, немаше кич. Барем не – јавен. Или, го имаше во мали дози. Затоа, изгледа, денес конечно пукна пролетта на македонското „златно теле“ и кич-луѓето излегоа од дупките. Се зафатија со сериозната работа да ни предочат дека мнооогу сме грешеле во однос на омразата кон кичот, дека треба да се соочиме со македонската кич-реалност околу нас и слично, или, што ќе рече Џидров, да не’ подготват, полека, полееека, за дефинитивното устоличување на Македонија како Империјата на кичот!
Зашто, де факто, штом повеќето од нас ќе почнат да не ги тријат очитево неверување за „грандиозноста“ на потфатот при секојдневното соочување со центарот на градот, кога повеќето од нас ќе почнат дури да гледаат и добри страни од типот „па фонтаните и не се така лоши“ во хиперкичестата продукција на нашите квазиархитекти и квазиуметници, кога повеќето од нас ќе почнат навистина да влегуваат во оние филмски кулиси наречени објекти, што глумат дека се некаков Археолошки музеј, или Уставен суд … или навистина да се шетаат по оние кич патеки наречени мостови … или не знам што уште … е тоа е, велат некои, почеток на крајот! Тогаш кичот, за почеток, ќе може да здивне!
3.
Но, не мора да значи. Поточно, не сум сигурен во тоа. Па и сега веќе има едно чудо народ што се слика пред и покрај Ацета, кај Филип и слично. Тоа, впрочем, беше и еден од аргументите на кич-мејкерите, а и на ова полуписмениве колумнисти од типот „ мнозинството си го сака овој кич“. Ама, погледнале ли тие што сорта се тие кич-вљубеници? Е па нека погледнат! Не дека се залагам за којзнае какви елити, ама на тоа рамниште ли треба да се спуштат сите? Па да се сликаме со Ацета во позадина за лични карти? Тука проблемот е посложен и подлабок, ама за тоа попосле.
Кичот, за разлика од неговите кич-пропагатори, знае дека битката против Уметноста е долга и тешка. Знае дека рунди се добиваат и се губат, а крајот на борбата е по правило – извесен! И не е во негова полза. Зашто во ниту една ситуација кичот не надвладува над Уметноста, нема теориска шанса, такви нешта историјата не памети. Тоа се само – привремени состојби! Деривати на простотијата и неукоста! Зашто веќе утре, или задутре, доаѓаат некои нови деца, посмели и посилни. Можеби не ќе бидат од денешниве, „образувани“ од полуписмени кич-колумнисти, можеби ќе бидат некои други деца, школувани во онаа проклета Европа или САД, обете во константно пропаѓање, како што милуваат да потенцираат некои од нашиве кич-колумнисти. И тие „деца“ ќе се зафатат со сериозна македонска реставрација на сите кич-сегменти на македонското денешно живеење!
Некои од нив се и денес тука, меѓу нас, иако не им даваат да дојдат до збор. Завршиле сериозни школи, и сорбони и оксфорди и харварди, ама мора да молчат. Во нивно име, против Уметноста а во одбрана на Кичот, ќе пљампаат правници и секакви други „… ици“ и „… исти“.
4.
Се разбира, сето тоа има свои зошто и како. Сето тоа говори за стаклените нозе на кичот, за јасната предодреденост за пораз, за виталниот нагон за преживување до кога се може и способноста да се потплатат јуди за сопствената кауза. Во немањето аргументи се потегнува најбаналното: детето е родено, ајде да го луламе! Зошто? Ќе плаче!? Па нека плаче, нека помодри од плачење, и – ќе престане! Така барем вели д-р. Спок! И ќе се дисциплинира и нема да му текне повеќе да прави бељи. Ама, не е проблем детето, родителите се проблемот!
И како веднаш по жестоките зборови на доајенот на македонската архитектура Ѓорѓи Константиновски во „Фокус“, се наоѓаат онакви ситни, мали, приучени ама самобендисани „стручњаци“ со краток курс по кичерај, кои ќе ни кажат дека, сепак, тоа е нашата стварност, а и фонтаните биле убави!? Кои и какви црни фонтани? Оние со преполовени коњи, или онаа со стрипот „Како се роди Аце“, ама без сликата за зачнувањето (за да не се возбудуваат премногу ацевистите!)? Тие, фонтаните, се таму заради и само заради велелепниот кич на „приказната“. Да допринесат кон кич-чувството, кон кич-импресијата, а не да шират „убавина“!
5.
И не случајно Христо вели: „Спасот е во кичот, тој мора да се додаде како спасоносен лек, како зачин, и кичестиот производ сигурно ќе биде продаден! Затоа што има претходна подготовка, погодна почва, остварена едукација, поточно – отворени очи, уши и усти, кои одвај чекаат вкусен залак, препознатлива наслада и привлечна глетка“.
Е ова е токму тоа! Сите вакви, и претходни и последователни, обиди се токму подготовка за целосно инструирање на – кич нација! Додека децата во онаа проклета Вавилонска курва од мали нозе ги нозат во Британскиот музеј, во Лувр, во Пергамон музејот или Новата национална галерија во Берлин … ние ги носиме, задолжително, во Музејот на македонската борба и на прошетка низ центарот на Скопје. Да се научат, од мали нозе, на мирисот и вкусот на кичот, за да можат понатаму со четири очи и подотворена уста да голтаат „колумни“ од едикоиси за убавините и неизбежностите на кичот наречен уметност! Веројатно истото ќе ги чека и по бројните факултети – на пример на Историја на уметноста или на Академијата за ликовни уметности, на Факултетот за архитектура и слично, каде загреаните гласноговорници на кичот веќе тријат раце и спремно ги чекаат. На Империјата на кичот и’ требаат нови, млади поданици за да го продолжат делото. Што поглупи – тоа подобро!
6.
Оттука, веќе можеме да говориме за неколку однапред загубени генерации, млади на кои Европа утре ќе им изгледа како чудо од Марс, културниот шок ќе им биде секојдневие, ќе се чудат кои се и што се Микеланѓело и Сезан, Маринети и Брак, Мур и Пикасо, Бернини и Боромини, Ѓакомети и Вајола … Ама ќе ги знаат Ацета и татко му, и мајка му и жена му, и ќе го слават оној Прв Илинден кај Херонеја на кич-типови како Иљов, и ќе знаат кој е Сарајлија, и Валентинче, и … И ќе кажуваат дека и ние фонтани за трка имаме. И скулптури! Тие генерации, за жал, оваа држава и овие кич-колумнисти одамна ги прежалија.
Но, по нив ќе дојдат нови и гневни генерации. Е не знам кој и како ќе се справува со нив, ама тие нема така лесно да се предадат!