Емануел Макрон вечерва го свика Совет за одбрана, соопшти Елисејската палата. На советот ќе се разгледа прашањето за кризата во Украина и тензиите со Русија, откако Кремљ објави дека Владимир Путин ќе ја признае независноста на проруските сепаратистички територии во источна Украина, јави дописникот на МИА.
Шефот на француската држава, исто така, вечерва повторно разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со германскиот канцелар Олаф Шолц во два наврати и со европските претставници Шарл Мишел и Урсула фон дер Лејен, соопшти француското претседателство.
-Ќе има и други контакти во вечерните часови, соопштија од Елисејската палата.
Советот за одбрана, што вообичаено се состанува пред Советот на министри во претседателската палата, ги собира главните министри и високи функционери одговорни за прашањата за одбраната и безбедноста.
Во исто време, Кремљ посочи дека Владимир Путин ќе ја признае независноста на проруските сепаратистички територии во источна Украина.
-Наскоро ќе биде потпишан декрет за таа цел, соопшти руското претседателство.
Според истиот извор, Владимир Путин за оваа одлука ги информирал францускиот колега Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, посредници во конфликтот во источна Украина, а тие, според Кремљ, „го изразиле своето разочарување“.
Извор: МИА