Помалку од 250 евра ќе чини уништувањето на 300.000 вакцини со поминат рок. Министерот за здравство, Беким Сали, посочи дека една вијала чини 0.29 денари и во неа имала шест вакцини. Оттука и пресметката, според која, 14.500 денари или 235 евра. Според министерот, вакцинацијата е важна и не се апелира на неа за да не се уништуваат вакцините, туку за граѓаните да бидат безбедни.
„Можам да кажам дека не е доволен бројот на граѓаните кои примиле прва доза и многу мал број на лица кои примиле трета доза која сметаме дека е безбедна. Според првичните анализи на сите починати до сега, тоа ни дава до знаење дека третата доза е најсигурниот и безбедниот штитник, за сите пациенти кои починале а имале коморбидитети. За да не се сфатиме погрешно, се уште немаме евиденција на лица кои починале, а имале трета доза „Фајзер“ и коморбидитети“, посочи Сали.
За него, не е важна сумата која ќе се потроши за уништување вакцини.
„Не е момент на финансиски калкулации за тоа колку ќе се потроши за уништување на вакцините кои се со поминат рок. Пандемијата се уште ќе трае. Се додека се занимаваме со секундарни и терцијални работи, примарните ги забораваме. Уништувањето на вакцините, скоро и да не кошта толку колку што се пропагира. Чисто за ваша информација, една вијала која е шест дози на вакцини кошта околу 0.29 денари. Мислам дека не треба да се прави политика за уништувањето, како што е важна навремената вакцинација“, додаде Сали.