Албанскиот претседател Илир Мета го прими украинскиот амбасадор во Тирана, Володимир Шкуров со кого разговарале главно за ситуацијата околу Украина.
– Изразивме заедничката загриженост околу заканата од можна руска агресија врз пријателска Украина, што е флагрантно кршење на меѓународното право, истакна Мета.
Тој додаде дека амбасадорот го информирал, а тој ги поздравил напорите на неговата земја за решавање на недоразбирањата преку преговори и на мирен начин, вклучително и во мултилатерални формати.
– Потврдив дека Албанија и како земја членка на НАТО и како непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации е на страната на Украина во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, наведува Мета во објавата по средбата со украинскиот амбасадор во Тирана.
Претходно, Мета изјави дека Албанија ја споделува загриженоста со сите партнери во НАТО за „заканата од руска агресија во врска со пријателска, независна и суверена Украина”.
Извор: МИА