Специјалните претставници на ЕУ и на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак на заедничката прес-конференција денеска порачаа дека Белград и Приштина мора да спроведат се што е досега договорено во бриселскиот дијалог и дека двете страни знаат што не исполниле, јави дописникот на МИА од Белград.
На крајот од посета на Белград, Лајчак изјави дека е „прилично оптимист“ за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво.
– Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти разбираат колку е важен дијалогот и рекоа дека ќе дојдат во Брисел кога ќе бидат поканети. Прашањето е кога, а не дали ќе има средба, изјави специјалниот претставник на ЕУ и додаде дека во изминатите месеци имало многу процеси во дијалогот, иако тоа не било видливо, поздравувајќи ја „посветеноста“ на Србија кон процесот.
– Сакаме брз напредок во процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Се што е договорено мора да биде и ќе се спроведе. Двете страни знаат што не исполниле, изјави словачкиот дипломат.
Тој кажа дека дијалогот го водат Србија и Косово, дека ЕУ е таму да помогне и додаде дека процесот е „поврзан со конкретни перспективи“ во евроинтеграциите на Србија и Косово.
Запрашан да ја разјасни својата вчерашна изјава дека „во рамките на дијалогот не се водат преговори за статусот на Косово, туку за односите меѓу Србија и Косово“, Лајчак објасни дека е таму за да „посредува во постигнување правно обврзувачки договор меѓу двете страни“.
На прашањето за организирање на српските избори на територијата на Косово, Лајчак нагласи дека ЕУ и САД веруваат оти сите граѓани треба да имаат можност да учествуваат во демократските процеси и дека треба да се постигне „консензус за модалитетите“.
Американскиот заменик помошник државен секретар и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека ставот на САД е „сите граѓани во регионот да можат слободно и лесно да гласаат без разлика каде живеат“.
Кога станува збор за формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), Ескобар оцени дека за тоа мора да се договорат двете страни.
– За Заедницата на српските општини мора да се разговара. Немаме визија како тоа да биде реализирано, до тоа мора да дојдат две страни, истакна Ескобар.
Тој оцени дека се што е договорено за ЗСО мора да се спроведе, додавајќи дека тој и Лајчак тоа јасно го кажале во Приштина.
Американскиот дипломат изјави дека САД и ЕУ сметаат оти целиот Балкан треба да биде дел од Унијата и дека патот до членството на Србија и Косово преставува дијалогот за нормализација на односите.
Извор: МИА