По две години живот во пандемија, верските поглавари и здравствените власти јавно ги изедначија ставовите и заеднички побараа верниците да се вакцинираат за да се заштитат од вирусот Ковид – 19. Поглаварите го поддржаа новиот министер за здравство Беким Сали во напорите за зголемување на процентот на вакцинирани лица кај нас откако изминативе две години дозволија и организираа низа собири на кои ретко се почитуваа протоколите за заштита од вирусот.
Поглаварот на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху денес рече дека не само во ИВЗ туку и на секоја петочна молитва во џамиите повикувале да се почитуваат протоколите и правилата кои ги налага Светската здравствена организација.
„Во секој момент апелиравме луѓето да се држат до сите мерки што ги донесовме како ИВЗ во рамките на Министерството за здравство. Апелирањето беше не само преку ИВЗ туку се апелираше во сите џамии, на секоја петочна молитва, во сите меџлиси, групи и слично, и мислам дека тоа беше многу успешна работа. Што се однесува пак до вакцинацијата, ИВЗ имаше наредба кај сите верници вакцинацијата да се зема сериозно затоа што е одлука на СЗО“, рече поглаварот Фетаху.
Оваа негова изјава доаѓа по низа регистрирани непочитувања на мерките за време на верските собири, како и јавниот повик на неговиот претходник верниците да се вратат во џамиите откако го прогласи вирусот за умрен во честитката за празникот Фитер Бајрам во мај 2020 година.
„Очекуваме во наредниот период секогаш лошото да го победуваме и да знаете дека Ковид-19 може слободно да го прогласам дека е умрен од денеска со оглед на тоа дека го победивме и заради тоа сме тука, пред џамијата, Господ е со нас и кога е Господ со нас ние се чувствуваме најсилни во светот“, рече тогашниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Непочитувањето на протоколите и штетата од ваквите повици се преслика во бројот на новозаразени па само две недели подоцна, Жарко Караџовски, тогашен претседател на Комисијата за заразни болести на прес- конференција рече дека групирањето и ифтарските вечери „ни се удрија од глава како бумеранг“.
Поранешниот поглавар Реџепи, на почеток на пандемијата имаше и закани дека ќе го шири коронавирусот да за изврши притисок Владата да помогне на ИВЗ.
„Не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата. Ви гарантирам тука е стане Бангладеш“ , рече Реџепи барајќи помош за ИВЗ од Владата во април 2020 година кога верските објекти беа затворени како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот.
Реџепи беше разрешен, а неговиот наследник, сегашниот поглавар Фетаху, веднаш по преземањето на функцијата и со личен пример ги уверуваше верниците дека вирусот постои. Само неколку дена откако ја презема функцијата во јуни 2020 година тој објави дека е позитивен на коринавирус. Неговите повици не го сменија значително однесувањето на верниците кои продолжија со верски собири и групирања без маски и дистанца. Медиумите и социјалните мрежи и сега се полни со фотографии од посети на џамии во кои не се почитуваат ниту маска ниту дистанца.
Сликата не е поразлична и кај христијанските верници иако и поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, денес, по примерот на реисот Фетаху, му даде поддршка на министерот Сали за вакцинацијата и потсети дека тие за време на цела криза апелирале на почитување на мерките.
„МПЦ преку соопштенија повеќепати во изминативе две години како и во посланијата за поголемите празници апелираше до верниот народ да се придржуваат на она што институциите апелираа. И овој пат ќе кажам, подобро е нешто да го спречиме отколку да го лечиме. Овој апел така треба да се разбере, упатен е до сите верници“, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Ваков апел од него не слушнавме минатата година кога многу верници и здравствени власти предупредија да не ги причестуваат верниците со исто лажиче во време на пандемија. Свештениците и покрај забелешките останаа на ставот со едно лажиче да ги причестат сите оти немало случај верник да се зарази или почине од причеста.
На сите кои се причестија, лекарот Нико Беќаровски од Токсикологија, кој од оваа недела е член на Комисијата за заразни болести, им порача дека со лажичето ги обесчестиле здравствените работници.
„Сите вие кои вчера со едно исто лажиче по храмовите се причестивте, десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили го обесчестивте. Кога на 19 јануари ќе ви требаат белите мантили, а не црните мантии, ние ќе се ’бањаме’ за да симнеме дел од потта под скафандерите и талкот под ноктите. П.С. Отворете ги кафеаните, таму барем даваат едно лажиче за еден гостин“, порача Беќаровски лани во јануари.
Јавноста беше шокирана од негрижата, но и од немањето казни за верниците кои излегоа на традиоционалата ѓурѓовденска литија во Струга, која и покрај строгите протоколи кои не дозволуваа групирање се одржа и во 2020 и во 2021 година. Во 2020 година и покрај најавата од МПЦ дека литијата ќе биде без верници, верниците се појавија, а МВР изјави дека не можело да казнува оти поради масовноста можеле да предизвикаат револт.
Наспроти уверувањето од поглаварот дека протоколите се почитуваат во црквите, прекршувањата продолжија и годинава, а самите прекршители на протоколите објавуваа фотографии како плат свеќи во црква, или следат литургија без маска иако сè уште е задолжителна во затворени простории.
Поддршка за вакцинацијата на министерот Сали му дадоа и Киро Стојанов, бискупот на Католичката црква и Пепо Леви, претседателот на Еврејската заедница, но тие денес се воздржаа од изјави.
Средби со поглаварите, посебно пред големите верски празници, имаше и поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Договараа да се почитуваат мерките, а искуството покажа дека по празниците се преполнуваа и болниците и лабораториите.