Правиме најголем исчекор во транспортниот сектор каде домашните транспортери добиваат нови 3 илјади меѓународни дозволи за превоз на стока, што е огромна придобивка за транспортните компании и цела домашна економија, изјави денеска министерот Благој Бочварски, кој во просториите на Министерството за транспорт и врски одржа состанок со претставниците на транспортните здруженија Америт и Макам Транс.
Економската соработка со соседите е еден од клучните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Патниот транспорт во државата зема големо учество во креирање на бруто домашниот производ од околу 10% и затоа добивањето на овие нови дозволи за превоз на стока е од големо значење.
Министерот потенцираше дека со приемот на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморската економска соработка, се создаваат услови за олеснување на патниот транспорт во земјите на црноморскиот регион.
„Со членството во оваа организација Република Северна Македонија за прв пат добива 3 илјади транспортни дозволи од годишната квота за 2022 година од системот на ЦЕС. Придобивките се веќе евидентни и тоа се манифестира преку постепената либерализација на транспортниот пазар во земјите на овој регион. Дозволите веќе се прикачуваат во електронскиот систем за распределба на дозволи на Министерството за транспорт и врски и истите ќе им бидат на располагање на домашните транспортери од следната недела од кога ќе можат и да аплицираат за нив.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.
Тој се заблагодари за соработката и потенцираше дека ова е голем, заеднички успех како резултат на политиките на Владата и транспортните здруженија.
Претседателот на здружението Америт, Лефтер Андонов истакна дека со добивањето на овие нови дозволи, ќе се отвораат нови можности, нови пазари, се зголемува поврзувањето со нови потенцијални партнери од земјите членки на ЦЕС и се зголемува обемот на работа.
Претставникот од здружението Макам Транс, Валерија Ташкоска го истакна задоволство од обезбедување на овие нови дозволи и на позитивните односи со транспортнеиот сектор со Република Буагрија во делот на процесот на либерализација на транспортот на стока.