Пред околу четири години малолетник во едно прилепско село го привлече вниманието на медимите кога со „ракета“ кој сам ја конструирал го погодил и запалил дел од покривот на една плевна. Немаше повредени, беше направена мала материјална штета, а случајот влезе во полициската евиденција.
Малолетникот доби укор да престане да се занимава со ова хоби. Неговата приказна тука заврши, иако да живееше во некоја мисловно покреативна земја, неговиот талент ќе беше добро искористен и наплатен, наместо да биде казнет. Овој случај потсетува сегашниот апсурд со притворот на новинарот Томислав Кежаровски.
Кежаровски да ја имаше таа среќа да живее во некоја подемократска држава сега за неговите написи во двонеделникот „Репортер 92“ ќе добиеше награда за истражувачко новинарство, наместо да биде третиран како криминалец. Што поинаку да се очекува доколку новинар открие дека заштитениот сведок, всушност воопшто не е сведок туку присилен да биде „лажен свекок“ како што и самиот подоцна призна?
Кежаровски наместо да биде награден што открил еден сомнителен судски процес со лажен сведок, тој поради тоа заврши со обвинение за кршење на законот поради „откривање на идентитетот на заштитениот сведок“?
Ако постоеше независно судство, тогаш редот на нештата требаа да бидат поинакви. Судот требаше да утврди по признанието на сведокот дека е присилуван, кој го присилувал да сведочи лажно, наместо неможејќи на магарето, да ја спроведува „правдата“ врз самарот. Ова е таа редовна пракса на судот која се спроведува последниве години наназад, а која сигурно судиите (чест на исклучоците) не ја учеле по обуките низ Европа за реформи на правосудниот систем.
Кривичниот суд наместо со соопштенија во кои се расфрла со правда, правдини и закони, подобро е да понуди фер процеси во судниците, без лажни сведоци, а со докази кои ќе не натераат да замолчиме.
Кежаровски е всушност уапсен само поради тоа што го расипа сценариото-најдрската пракса на осудување лица со таканаречени „заштитни сведоци“ кои често ни адвокатите не можат да ги видат или да го знаат нивниот идентитет. Се изнагледавме вакви „заштитени сведоци“ со кои на најноншалантен начин, се осудуваат луѓе, се уништуваат цели семејства. Најди некој затвореник, вети му дека ќе излезе за побрзо време, и тој треба да глуми „заштитен сведок“. Со вака разработен систем, кој апсолутно нема никаква врска со независното судство, секој може да се најде во затвор, независно дали е виновен или не. Ова се нарекува злоупотреба на службена положба, монтиран случај, но никако независно судство.
Хашкиот Трибунал, кој судеше за воени злосотрства, за масовни убиства и покрај предвидените казни и случаите кога беше отркиван идентитетот на „заштитени сведоци“ и тоа реални, а не лажни, никогаш не посегна по овој механизам. Предвидените казни беа до 7 години затвор и 100 илјади евра парична казна. Но и покрај тоа што во медиуите во неколку наврати беа откриени идентитетите на заштитени сведоци, кои впрочем и не беа лажни и присилени, туку реални, на крајот и покрај најавите за покренување на постапка, не слушнавме дека некој новинар беше уапсен или казнет.
И што да се очекува од овој процес, овде во Македонија, освен дека ќе заврши како и што почна. Самото тоа дека по итна постапка е закажан процесот на почетокот на август зборува дека ќе има казни. Судот нема да си дозволи да не биде во право и да испадне дека неоправдано да му го продолжувал притворот на новинарот. Досегашната пракса без исклучок го навестува токму ова сценарио. Дополнително, меѓу редови судот во реакцијата до новинарите напиша дека со протестите „тие изразуваат незадоволство од очекуваниот тек на постапката“. А што е очекуваниот тек на постапката за судот може да се претпостави ако се има во предвид дека во три наврати му одреди притвор на новинарот Томислав Кежаровски?
Петар Клинчарски