И ексминистерката за образование, Мила Царовска и ексминистерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска побарале да земаат апанажа. Нивните барања ќе треба да бидат разгледани од пратениците на Комисија, по што ќе се донесе одлука дали ќе им се овозможи да бидат корисници на овие пари. Царовска веќе втора недела, не одговара на прашањето од „А1он“ како ќе ја продолжи нејзината професионална кариера, а со тоа, и колку време ќе користи пари од државата како поранешна функционерка.
За разлика од неа, Радмила Шекеринска Јанковска за „А1он“ посочи дека ќе иницира постапка за апанажа, што и го направила.
„Сеуште размислувам за моите понатамошни планови, како што одговорив на последните прес конференции, и да, во меѓувреме ќе иницирам постапка за апанажа“, рече Шекеринска Јанковска за „А1он“.
На собраниската комисија, ќе треба да се разгледа барањето на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров. Тој за „А1он“ веќе изјави дека во изминатите години живеел од плата, дека нема бизнис компании, што според него, е причина што бара апанажа.
„Јас при влегување во владата откажав ангажман во меѓународен институт во Париз и сум човек што живее од плата. Не сум од тие кои покрај работата имаат бизниси. Додека не се организирам, ќе користам апанажа“, рече Димитров за „А1он“.
Првиот министер кој веќе има поднесено и одобрено барање за апанажа е поранешниот министер за земјоделство, Аријанит Хоџа од партијата „Беса“. Тој во следните девет месеци, ќе добива пари од државата. Овој период може и да се скрати, ако Хоџа сам побара или пак, биде работно ангажиран. И вториот министер со одобрена апанажа доаѓа од истата партија, тоа е Седат Сулејмани, ексминистер за култура кој функцијата ја извршуваше три месеци. И тој во наредните девет месеци, по неговото барање, ќе зема апанажа.
Како што веќе објавивме, поранешната министерката за култура Ирена Стефоска нема да користи апанажа и се врати на академската кариера, а исто така и ексминистерот за здравство, Венко Филипче кој се врати да работи како доктор во Клиниката за неврохирургија.
Претходно, поранешниот премиерот Зоран Заев за „А1он“ изјави дека и тој се откажува од апанажа. Посочи дека ќе биде вработен во некоја од неговите семејни фирми, а од државата ќе побара само обезбедување кое му следува по закон.