Во Германија денеска ќе биде објавен извештај што може да отвори потенцијален скандал за сексуално насилство врз деца во католичката црква,а меѓу оние кои можат да се најдат во центарот на внимението е поранешниот папа Бенедикт XVI.
Во извештајот на адвокатската канцеларија Westpfahl Spilker Wastl (WSW) се анализира како биле разгледувани случаите на злоупотреба во Архиепископијата во Минхен и Фрајзинг, меѓу 1945 и 2019 година. Извештајот е нарачан од Минхенската архиепископија, а во него требаше да се испита дали „одговорните ги почитувале законските барања, како и дали дејствувале соодветно во справување со сомнителни случаи и можни извршители“.
Поранешниот папа Бенедикт, чие име е Јозеф Рацингер, беше архиепископ на Минхен од 1977 до 1982 година.
Во тоа време, свештеникот – педофил Питер Хулерман бил обвинет за малтретирање на едно 11-годишно момче. Тој е казнет со преместување во Минхен од Есен, во Западна Германија. И покрај скандалот, тој продолжил да извршува пастирски должности и во 1986 година бил осуден на условна казна за насилство врз неколку деца.
Инспекторите сугерираат дека случаите на насилство се случувале во времето кога Рацингер бил архиепископ на Минхен.
И по осудата, Хулерман продолжил да работи со деца. Неговиот случај е пример за неправилниот став на црквата кон насилниците.
Бенедикт негираше дека знаел за историјата на свештеникот. Според германските медиуми, бившиот папа дал изјава од 82 страници како одговор на истрагата.
-Почесниот папа „ја зема при срце судбината на жртвите на насилство“ и во целосно се согласува „да се објави извештајот од Минхен“, изјави неговиот портпарол Георг Хансвејн за весникот „Билд“.
Во 2013 година, 94-годишниот Бенедикт стана првиот папа кој поднесе оставка, за првпат по 600 години. Сега тој живее во поранешен манастир на територијата на Ватикан.
Реформаторската католичка група „Wir sind Kirche“ (Ние сме црква) го повика поранешниот понтиф да преземе одговорност за тоа што се случило, додека раководел со епархијата во Минхен.
-Признание на Рацингер, дека со своите дејствувања или недејствувања, знаење или незнаење, е лично и професионално соучесник во страдањата на многу млади, би било пример за многу други епископи и одговорни лица, се наведува во изјавата.
Во последните години, Католичката црква во Германија е потресена од серија извештаи, во кои се открива за широко распространето насилство врз деца од страна на свештеници.
Студијата нарачана од Германската епископска конференција во 2018 година, тврди дека 1.670 свештеници во земјата извршиле некаква форма на сексуален напад врз 3.677 малолетници меѓу 1946 и 2014 година. Но, постојат сомнежи дека бројот на жртви е многу поголем.
Извор: МИА