Донесена е одлука новиот главен град на Индонезија, кој ќе се наоѓа во југоисточниот дел на островот Калимантан, да се вика Нусантара, што значи архипелаг, соопшти денеска индонезискиот министер за планирање национален развој Сухарсо Моноарфа на владина седница за преместување на главниот град.
– Штотуку добив директна потврда од претседателот Јоко Видодо, кој рече дека новата престолнина се вика Нусантара, рече Моноарфа.
Индонезискиот претседател Видодо ги објави плановите за преселување на главниот град на Индонезија од Џакарта уште во 2019 година, но поради коронавирусот, проектот беше во мирување.
Новиот главен град ќе служи како центар на владата, додека Џакарта, сегашниот главен град, во кој живеат повеќе од 10 милиони луѓе, ќе остане деловен и економски центар на Индонезија, најголемата економија во Југоисточна Азија.