Европското првенство во ракомет за мажи 2022 година ќе биде 15. издание на турнирот, второ на кое ќе учествуваат 24 репрезентации, и седмо за македонската репрезентација.
Домаќини на годинашното ЕП се Унгарија и Словачка. С Македонија обезбеди место на собирот преку квалификациите и ја чекаат три средби во првата, групна фаза, против селекциите на Словенија, Црна Гора и Данска. Македонските ракометари ќе играат во групата во Дебрецин, Унгарија.
Вечер од 18 часот, избраниците на селекторот Кире Лазаров ќе се сретнат со Словенија, по два дена (15 јануари) во исто време со Црна Гора, додека, на 17 јануари од 20:30 часот силите ќе си ги одмерат со Данска.
Ракометната репрезентација на Македонија досега учествувала на вкупно шест Европски првенства и тоа во Италија (1998), Србија (2012), Данска (2014), Полска (2016), Хрватска (2018) и Австрија, Норвешка, Шведска (2020).
Најдобриот пласман нашата селекција го има на Европското првенство во Србија во 2012 година, каде што завршува на петтото место од вкупно 16 селекции. Десетто место освојува на ЕП во 2014 година во Данска, покрај 16 селекции.
Во 2016 во Полска завршува едно место подолу од 2014, 11. место е освоено и во Хрватска во 2018 година, за во 2020 година да го одбележи најслабиот пласман – 15. место.
Во 2012 година нашиот репрезентативец Кирил Лазаров со 61 погодок и 114 удар е прогласен за најдобар стрелец на Европското првенство во Србија. Во 2014 во Данска тој повторно се запишува на листата најдобри стрелци на 4. место со 38 погодоци и 74 удари на гол. На следното првенство, во 2016 година во Полска, Лазаров го освојува петтото место со 42 погодоци и 79 удари.
На Европското првенство во 2018 година на листата најдобри стрелци на 14. место влегува репрезентативецот Дејан Манасков со 28 погодоци и 44 удари. Истата година, голманот Никола Митревски се запишува на 5. место на листа најдобри голмани со 38 одбрани и 108 обиди.
Покрај настапите на евро-шампионатите, македонските ракометари имаат и седум учества на Светските првенства.
Дебито се случи во 1999 година кога беше освоено 18. место. Мундијалот во Египет ќе се памети по првата победа на Македонија на планетарните собири. Совладана беше Саудиска Арабија со 28:21.
Следниот настап на СП е во Хрватска 2009 година. Македонските ракометари помогнати од голем број навивачи кои отпатуваа во Хрватска, се прикажаа во одлично издание во групната фаза, а на крајот завршија на 11. место. На овој Мундијал Кирил Лазаров постигна вкупно 92 гола и стана најдобар стрелец во историјата на СП.
Третото учество на светските шампионати „црвено-жолтите“ го завршија на 14. место. Се работи за Мундијалот во Шпанија во 2013 година, откако беше пропуштен собирот во 2011 година.
Мундијалот во Катар во 2015 година ќе остане запаметен како најуспешен за македонските ракометари. Тие на крајот се пласираа на 9. место. Групата ја поминаа со четири победи и еден пораз. Во осминафиналето беа елиминирани од Словенија по голема борба и пораз од 28:30.
Петтото мундијалско учество македонскиот национален ракометен тим го имаше во Франција 2017 година. Во групната фаза беа остварени две победи, еден нерешен резултат и два пораза. По убедливиот пораз од Норвешка (24:34) во 1/16 финалето, на крајот освоено беше 15. место.
Петнаесеттото место беше, исто така, освоено и на Мундијалот организиран од Германија и Данска. На ова првенство не беше помината ниту групната фаза. Македонија играше во Претседателскиот куп за пласман од 13 до 16. место. По поразот од Русија (28:30), совладана беше селекцијата на Чиле (32:30).
На Светското првенство 2021 година одржано во Египет, македонските ракометари го забележаа најлошиот досегашен пласман на големите натпреварувања. Освоено беше 23. место од вкупно 32 учесника. Групата беше помината благодарение на победата над Чиле. Сепак дека двата пораза од Шведска и од Египет не беа случајни, покажаа и трите убедливо загубени средби во следната фаза (од Словенија, Белорусија и од Русија).
Да им посакаме многу среќа и добри настапи на македонските ракометари на Европско првенство во Унгарија и Словачка (13 – 30 јануари).