Пратеничката Лилјана Попоска во својство на претседател на Пратеничката група во македонското Собрание за соработка со парламентите на балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија упати писмо до нејзиниот колега Валеријус Симулик, претседател на Групата за меѓупарламентарна соработка со Западен Балкан во Парламентот на Република Литванија.
Повод за писмото, како што се наведува, е вчерашната презентација на програмата и приоритетите на Литванското претседателство со ЕУ од страна на литванскиот амбасадор Ренатас Јушка во македонскиот законодавен дом во која Македонија не беше споманата.
– Ви се обраќам како на колега, со кој ни е заедничка заложбата за унапредување на односите и пријателството меѓу нашите две земји, Република Македонија и Литванија. Повод за моево обраќање е вчерашната презентација на амбасадорот на Литванија задолжен за Република Македонија, г. Ренатас Јушка, за приоритетите на литванското претседателство со Европската унија, што се одржа во македонското собрание.
Сакам да Ве информирам колку големо беше разочарувањето на присутните пратеници што Македонија не беше ни спомната во приоритетите, а уште поголемо кога амбасадорот објасни дека тоа е намерно, поради немање напредок во земјата. Притоа особено зачуди неговата реторика, несоодветна за дипломатската комуникација. Зачудени останавме и подоцна истиот ден, кога преку медиуми чувме поинаква изјава од министерот за надворешни работи на Литванија, г. Линкевичиус во Брисел, по што се наметна прашањето, дали амбасадорот говорел во лично име или во име на својата земја?
Почитуван колега, верувам дека ќе ги пренесете нашите чувства од обраќањето на Вашиот амбасадор до Вашето Министерство за надворешни работи, по што очекувам коректна комуникација, во дух на пријателство и заемно почитување.