Над 95 проценти од втората фаза од магистралниот пат Куманово – Страцин се завршени. Модернизацијата на овој магистрален пат како дел од Коридорот 8 е од особено значење за целата држава, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кој со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на завршување на градежните работи на овој магистрален пат.
Во оваа втора фаза се рехабилитираа 16,6 километри од селото Војник до Страцин. Вкупната вредност на инвестицијата е близу 7,2 милиони евра.
-Ова е важна патна артерија за поврзување на локалните и регионалните патишта со главните коридори, за граѓаните, но и за компаниите, со која се овозможува лесен и побрз транспорт на луѓе и на производи. Особено ми е драго, што силен акцент ставивме на инвестициите во патната инфраструктура во истокот и североистокот, региони кои со години беа заборавени. Инфраструктурата за која некогаш само се говореше, денеска е преточена во план, програма и реализација. Вложивме 80 милиони евра за патна инфраструктура, за да ги модернизираме клучните патишта во овој регион, делот од Коридор 8, изјави вицепремиерот Николовски.
Паралелно се изведуваат градежните работи на првата фаза од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 5,4 милиони евра. Рехабилитацијата на оваа фаза завршува во јуни следната година.
Министерот Бочварски потенцираше дека во изминатава година ангажирана е цела градежна оператива во реализација на капиталните проекти во ресорот транспорт.
-Со рехабилитација на оваа делница и изградбата на експресниот пат кон Крива Паланка, создаваме модерна патна врска во североисточниот дел на Коридор 8. Вкупните инвестиции вложени во овој регион за изградба и рехабилитација на патни правци изнесуваат над 80 милиони евра. Дополнително би сакал да потенцирам дека очекуваме реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски да надмине преку 90 проценти, рече Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми потсети дека минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар и со отпочнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион се комплетира Коридорот 8.