Во Косово се потврдени девет случаи на коронавирус од сојот омикрон, соопшти денеска Институтот за јавно здравје од Приштина.
Институтот наведува дека од 22 тестирани примероци, девет биле позитивни, пренесува приштинска Газета Експрес.
Според соопштението на институтот, вирусот е потврден кај две лица кои дошле од САД, кај две лица пристигнати од Лондон и кај едно лице од Франција.
Сојот омикрон е откриен кај уште четворица од Косовска Митровица, но тие негираат дека патувале или биле во контакт со некој од странство.
Во соопштението на институтот се предупредува дека се очекува влошување на епидемиолошката состојба, со напомена дека овој сој, според сегашните податоци од светот, се шири побрзо од сојот делта плус.