Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во четвртокот им препорача на Американците да изберат една од двете други овластени вакцини против Ковид-19 наместо „Џонсон и Џонсон“, поради ретки, но понекогаш фатални случаи на згрутчување на крвта.
Потегот на ЦДЦ следеше откако неговиот советодавен одбор за имунизација едногласно ја изгласа препораката за вакцините „Модерна“ и „Фајзер/Бионтек“ наспроти „Џонсон и Џонсон“.
Од повеќе од 200 милиони целосно вакцинирани луѓе во Соединетите Американски Држави, околу 16 милиони ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“.
Компанијата соопшти дека безбедноста на оние кои ја користат вакцината „Џонсон и Џонсон“ е нивниот главен приоритет.
Случаи на тромбоза со синдром на тромбоцитопенија, кој вклучува згрутчување на крвта придружено со низок број тромбоцити, претходно биле пријавени кај приматели на вакцината „Џонсон и Џонсон“. Највисоки стапки се пријавени кај жени под 50 години.
ЦДЦ соопшти дека стапката на вакви инциденти е повисока од претходно проценетата, и кај жените и кај мажите. Агенцијата идентификуваше повеќе од 50 такви случаи во САД, околу 3,83 случаи на милион примени дози на „Џонсон и Џонсон“.
Членовите на Комитетот, исто така, рекоа дека вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е помалку ефикасна во спречувањето на Ковид-19 од другите две одобрени вакцини.