Сè поголем број клубови се залагаат за прекин на Премиер лигата до нова година во обид да се справат со растечката криза со коронавирусот, изјавија извори за ЕСПН.
Тоа би значело одложување на четири кола од натпреварите во лигата, почнувајќи од овој викенд и продолжувајќи до викендот од 1-2 јануари. Според предлогот, натпреварите во Премиер лигата би започнале на 15 јануари.
Премиер лигата соопшти дека нивната намера е да го продолжат тековниот распоред на натпревари каде што е безбедно, додавајќи дека здравјето и благосостојбата на сите засегнати остануваат нивен приоритет.
Голем број натпревари се веќе одложени, вклучувајќи го и мечот меѓу Манчестер Јунајтед и Брентфорд во вторникот, како и нивниот викенд-натпревар со Брајтон. Одложен е и натпреварот на Лестер Сити против Тотенхем, додека посетата на Ватфорд кај Барнли во средата беше прекината само неколку часа пред почетокот.