Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Кентаки врши увид на штетата од катастрофалните торнада што во саботата ја зафатија оваа и неколкку други сојузни држави.
Во невремето загинаа најмалку 74 лица. Гувернерот Енди Бешир изјави дека во државата се водат за исчезнати 100 лица.
Во текот на посетата, Бајден ќе се запознае со тоа како оди санирањето на последиците од ударот на стихијата. По стапувањето на функцијата, тој веќе петти пат го прави ова – оди во посета на разурнатите места од природни катастрофи.
-Денешната порака на претседателот е дека тој и сојузната влада имаат намера да направат се што е потребно и да одделат онолку време колку што е потребно да им се даде секаква поддршка на заедничките усилби за обнова и помош на жителите на Кентаки и останатите настрадани држави, изјави Карин Жан Пјер, заменичка на прес секретарот на Белата куќа.
Портпаролката Џен Псаки синоќа изјави дека Бајден „сака директно да разговара со луѓето и директно да им ја понуди својата поддршка“.