Eрол Ризаов во колумната во „Утрински весник“, пишува дека премиерот Никола Груевски го пушти низ вода Паско Кузман за износ колку што изнесува судската казна на пратеникот
Тито Петковски за неговата душевна болка. Паско пред судија со лисици на рацете за десетина илјади евра трошоци неплатени на полицијата и за пречекорување на своите овластувања ми наликува на некаква голема ујдурма. Тоа е ужасна гротеска во држава на која секој на секого должи, а најборчлија до гуша е државата. Разврската на оваа драма може да биде лавина среде жешко лето, а може и како и се’ друго во земјата на чудата да биде епизода во стилот „плесала је једно лето“.
Прашува, може ли некој да верува дека Паско Кузман е во домашен притвор само поради неплатено побарување на полицијата за повеќедневно 24-часовно обезбедување на авантуристи што кај Велешко и Делчевско го бараа германското злато, накит, дијаманти и уметнички слики, ремек-дела, што ѓоамити ги носеле војските на африканскиот германски корпус за време на Втората светска војна, на повлекување и баш тука ги закопале.Мора, вели, да му е голема болката на Груевски што на ваков начин се погреба таткото на македонската антиквизација во дупките на авантуристите.
„Имам уште една голема дилема што сакам да ја споделам со вас, почитувани читатели. Што мислите каква е врската меѓу домашниот притвор на Паско Кузман со решението за лустрацијата на академик Славко Јаневски кое поштарот не знаел кому да му го предаде, а на кое некој напишал погрешна адреса, да се препрати на неговиот другар, академик Томе Серафимовски. Има ли врска со ова лустрацијата на академик Божин Павловски. Има ли сето тоа врска со пресудата на Љубе Бошкоски за да му се потсоберат 17 години тешка робија. Има ли тоа некакви допирни точки со стотиците милиони евра инвестиции на спасителот од Индија, Субрата Рој, кој на Охридско Езеро кај „Св Наум“ и Љубаништа ќе прави Лас Вегас, а во „Џумајлија“ ранчови со крави како во Тексас“, пишува Ризаов.
Има, вели, некои предавници и грчки платеници што тврдат дека ова има врска со банкротството на грандиозниот проект „Скопје 2014“ кое почна летово со фалименто на една странска компанија, која стаса кај нас под сомнителни околности да ги гради најголемиот дел од барокните зданија во слава на владетелите на најсиромашниот народ на Европа. Тоа банкротство може да закопа дваесетина домашни компании подизведувачи, практично вистинските градители на најголемата непродуктивна инвестиција во независна Македонија.
„Или, пак, можеби мислите дека сето ова има врска со бранот поскапувања среде лето и големата сиромаштија и беда што како епидемија ја зафаќа Македонија, па секој кој има и најмала шанса бега од татковината. Подобро џенем отколку во лажен рај.Мене ми се чини сето ова колку и да е навидум неповрзано и да нема никаква врска едно со друго, на крајот има еден заеднички именител: хаос, паника, распаѓање и нешто ептен гнило во „државата Данска“. Или Македонија ќе беше“, вели Ризаов во колумната во Утрински весник.