Делови од телото на продажба

Од:

Сиромаштијата влијаеше врз наглото зголемување на проституцијата, бидејќи луѓето, притиснати до ѕидот на гладот, решија со телото да заработат за да преживеат. Сиромаштијата продолжува да притиска, па ќе започнат ли луѓето да заработуваат и со продавање на делови од тоа гладно тело?

Последните истражувња алудираат на драматичното зголемување на нелегалната трговија со органи низ целиот свет, па речиси на секој час на црниот пазар за органи доаѓа по еден нов бубрег од жив донатор. Ниту Балканот не заостанува во овие бројки, па се поставува прашањето: Ќе стане ли Балканот новиот Иран, каде сиромашните ги продаваат своите органи?!

Крвав начин на заработка

Црните пазари на органи се преплавени со делови од телото на сиромашните луѓе, кои трагаат по едно подобро утре и по цена на својот живот.

Сиромашните квартови на Каиро се лулка на трговијата со донирани органи, каде секој час се вади по еден бубрег од сиромашен жив донатор. Тоа го прави Египет едно од најголемите жаришта за трговија со човечки органи, заедно со Кина, Пакистан, Иран, Ирак, Филипини, Бангладеш. Крвавиот тренд, полека- но сигурно, ги направи овие земји дом на крвавиот туризам, каде болните бараат можност за живот, загрозувајќи го животот на некој друг.

Луѓето без скршена пара во џебот се премногу слаби за да се движат и работат, а не пак да донираат органи, но тоа не е воопшто важно за трговците со ова „крваво злато“, кои често знаат и без анестезија, во нестерилни услови да ги отстрануваат органите од нивните гладни тела.

Бубрезите се оние кои луѓето најлесно ги продаваат и кои се 75% од вкупниот број на органи кои можат да се најдат на пазарот на органи. Од 10 879 вкупно трансплантирани органи во Европа, дури 70% се набавени од овие црни пазари на органи. Но, зарем еден живот треба да згасне за да процути друг?

Зарем животот има цена?

Сиромашните луѓе, исплашени дека ќе умрат од глад заедно со своето семејство, претпочитаат да умрат на операционата маса, донирајќи некој свој орган, па решаваат и самите да дадат оглас, нудејќи дел од своето тело на некој богат купувач, кој ќе го промени текот на нивниот живот. Текот се менува, но за жал на уште полошо.

Бројките кои ги покажуваат продадените органи, мислиш покажуваат еден нов моден тренд, кој сакаат сите да го следат, мислиш се најава за подобрување на животниот стандард на донаторот, а еден орган се плаќа смешни 2.000 долари, сума со која донаторите не успеваат да минат ниту една мирна година во животот.

Купувањето на автомобил, куќа, полната трпеза- продолжуваат да останат само сон за овие луѓе, кои не успеваат да си купат ниту соодветни лекови за намалување на болките по операцијата. Тие, на некој начин, стануваат незаштитени живи мртовци, чие тело е украсено со големи и длабоки лузни, потсетник на неисполнетите соништа, платени со сопствената крв.

Трговците со овие органи заработуваат и по 16.000 долари, но тоа не стигнува до донаторите, кои го губат и својот животен век по оваа ризична донација. Тие се оние кои најмудро ја користат потребата за нови органи, кои ја одредуваат смешната цена на човечкиот живот. Трговците со органи својата бескрупулозност ја покажуваат низ заканите, уцените, лажните ветувања кои им ги доставуваат на сиромашните, но и со бруталното убивање и киднапирање на некои луѓе, на кои насилно им ги отстрануваат органите за да ја зголемат својата заработка. Тие се новата и елитна класа криминалци, кои се недостижни за законите и правдата.

Помислата дека човечкото тело, полека- но сигурно, се претвора во стока за продажба, ја покажува алармантната состојба во која се наоѓа човекот, притиснат од гладот, од сиромаштијата, од безизлезноста.

Руски рулет со животите

Сиромаштијата не е заборавен дел од животот на луѓето на најстариот континент. Најсиромашната земја- Молдавија, е вистински пример за цената која ја има човечкото тело. Во оваа земја шверцот со човечки органи е најразвиената гранка, која своите залихи ги надополнува преку насилно вадење на органи од најсиромашните, кои ретко кога добиваат било каков надомест.

Ниту Шпанија, Италија, Грција и Русија, не се имуни на овој крвав тренд, па сé почесто можат да се најдат реклами за продавање на коса, сперма, јајце клетки, мајчино млеко. Луѓето веќе ништо не жалаат само за едно подобро утре, за заспивање со полн стомак.

Сé поголемиот социјален јаз- најдобро ги искористуваат трговците со органи, кои мудро манипулираат со луѓето, па за еден бубрег, за малку коскена срж, им ветуваат богатство кое ќе донесе едно подобро утре за нивните деца. Хроничната сиромаштија и очајот на богатите пациенти за продолжување на животот е главното оружје во рацете на овие манипуланти.

Луѓето кои имаат семејство, кои се хронично невработени и чиј мир е уништен од плачот на нивните гладни деца се подготвени да сторат сé. Тоа подразбира минување низ тешка операција за отстранување на бубрегот, издржување на тешките болки по операција, но и издржување на животот со намалена еластичност на стомачните мускули.

Павле Мирцов, е сиромашен Србин, кој својот лош животен стандард решил да го среди токму на овој начин. Според него животот со еден чај и корка леб не е живот, па какво значење има бубрегот во борбата со тој глад- никакво. На неговиот оглас за продажба на бубрегот се јавиле купувачи кои нудат и по 40.000 долари, пари кои можеби ќе му помогнат да ги заборави траумите низ кои минал, но дали неговата приказна ќе стане живот на секој сиромашен Балканец?

Косово е познато по трговијата со органи, каде луѓето биле присилно киднапирани и им биле отстранувани органите без анестезија. Лажните ветувања на трговците, дека еден орган има цена од 15 000 долари, го направи Косово дом и на оние кои доброволно доаѓаат од соседните држави да го дадат својот орган, во замена за парите кои ќе обезбедат насмевка на лицата на нивните деца.

Продавањето на дел од своето тело, стана еден нов тренд, говор на социјалните притисоци, едно ново и суптилно самоубивање, кое не донесува сигурност, ниту егзистенција за семејствата на донаторите, ниту исполнување на нивните соништа.

Автор: М-р Наташа Димеска

Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска