Националниот совет за евроинтеграции со еден глас: Крајно време е ЕУ да ги започне пристапните преговори за членство

Од:

Националниот совет за евроинтеграции денеска ја продолжи третата седница, на која беше отворена дебата за Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година.

Седницата почна на 23 ноември 2021 година, но беше одложена поради трагичната автобуска несреќа во Бугарија, во која загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени. Клучните наоди по однос на Извештајот на ЕК за земјава за 2021 година на 23 ноеври ги презентираше евроамбасадорот Дејвид Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изрази сочувство до семејствата на жртвите и им посака брзо и лесно заздравување на повредените во трагичната автобуска несреќа.

Димитров потсети дека земја кандидат сме веќе 16 години, а првиот позитивен Извештај го добивме пред 12 години и низ имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација имаме солиден степен на подготвеност. Во администрацијата имаме капацитет, кој, како што рече, за жал ни е изморен од ова вежбање на трпение.

-Мислам дека е очигледно, дека ни треба еден поттик, ни треба почеток на пристапниот процес што ќе влијае и на мотивација на службите, мотивација на државните службеници и воопшто ќе има потенцијал да ја смени комплетната политичка атмосфера во државата, нагласи Димитров.

Нагласи дека Извештајот на ЕК за 2021 година е балансиран и има вкупно 1.357 наоди, констатирани се позитивни поместувања, а има области каде има потреба од дополнителни напори, тие се 771. Или Комисијата, како што рече, има 57 отсто пофалби и 43 отсто препораки, односно укажување дека треба повеќе, дека нешто не е направено итн. Најмногу од овие препораки се нотирани во кластерот Зелена агенда и одржлива поврзаност, вториот кластер е Внатрешниот пазар. Укажа на важноста да се донесат законите кои, како што рече, имаат очигледен европски контекст и предзнак, а се наведени во Извештајот на ЕК.

Потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции Соња Мираковска рече дека Извештајот за оваа година јасно покажува дека како владејачко мнозинство, како што рече, ја покажале посветеноста во спроведувањето на предвидената агенда и како многу години наназад ја добивиле нејзината препорака за почеток на преговорите за членство.

Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека одлуката ќе биде позитивна и дека ќе се определи датум за почеток на преговори на земјава со ЕУ. Според него, ако се случи тоа треба да се разговара за чекорите што следат, но ако не се случи тоа треба да се разговара за иднината на процесите. Додаде дека тој повеќе е песимист, но, сепак изрази надеж дека на 14 декември ќе се случи, како што рече, чудо и дека Бугарија ќе се повлече од овие позиции кои ги има сега.

Се осврна на пандемијата со Ковид-19, набавката на вакцини, енергетската криза, за, како што рече, пропаста на македонското стопанство, за зголемената невработеност… Според него, доколку државата остане нема, а немаме помош од земјите членки на ЕУ во период меѓу 15 јануари и 15 февруари 2021 година, кога ќе почнат да колабираат компаниите, други играчи ќе почнат да се шетаат тука и да нудат евтин гас и евтина струја.

Повеќе пратеници се пријавија за збор, а во дискусијата се вклучија Рина Ајдари од ДУИ, Љупчо Пренџов од ГРОМ, Зеќир Рамчиловиќ, Гордана Силјановска Давкова, кои ги сумираа своите ставови и рекоа дека секогаш ќе ги поддржуваат европските интеграции.

На седницата присуствуваа словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан и Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

A1on

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

A1on

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

ЕК: Растот на македонската економија годинава 2,0 отсто, наредната 3,1 отсто