Вратата на Европа мора да остане отворена за земјите од Западен Балкан порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитијадис Варвициотис пред почетокот на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел, додавајќи дека тоа ќе придонесе за стабилност во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
-За нас, животниот простор на Западен Балкан мора дефинитивно да ја најде отворена вратата кон Европа. Ова ќе придонесе за стабилноста во нашето соседство, но секако ќе спречи други сили да добијат силна улога и присуство на Западен Балкан, што е важно за нашата безбедност и за нашиот економски просперитет, рече Варвициотис.
Проширувањето на ЕУ со земјите од регионот било во фокусот на работниот појадок организиран од министерката за европски прашања на Австрија Каролина Едштадлер, со учество на премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ.
-Господинот Варвициотис на своите колеги, како и на премиерот на Црна Гора им ја пренесе цврстата поддршка на Грција во европската перспектива на Западен Балкан, која ја опиша како прашање на безбедност и регионална стабилност, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.