Се уште е блокиран реонот каде што се случи тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија, во којашто загинаа најмалку 45 лица, јавија репортерите на МИА и БТА кои се на местото на настанот.
Од моментот на трагедијата сообраќајот се пренасочува преку друга маршрута. Сообраќајната полиција го пренасочува движењето на околу четири километри пред местото, на кое синоќа се случи несреќата.
Сега сообраќајот се одвива по маршрутата од патната клучка „Долна Диканија“ пат III-627-Радомир и пат I-6 до клучката „Даскалово“. Сообраќајот тука е интензивен и се гледаат големи колони што се движат бавно по тој дел.
Екипите на МИА и БТА пристигнаа до околу еден километар од местото на инцидентот преку споредни патишта. На местото се гледаат многу екипи на Брза помош и постојано пристигнуваат нови возила. Од далеку се гледа автобусот, што е целосно изгорен. Превозното средство се наоѓа на разделницата меѓу двете ленти на магистралниот пат „Струма“.
Несреќата се случила околу 2 часот по полноќ по локално време во близина на селото Боснек. Автобусот се движел од Турција кон Северна Македонија, а во Бугарија влегол преку граничниот премин „Капитан Андреево“. Седум лица се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија.