На сите ни е јасно дека во денешново дигитално време, секој може да дојде до неограничен број на информации и податоци, а сепак младите не поседуваат соодветно секусално образование.
Не мислам на тоа дека тие не знаат што е тоа секс и не се упатени во него, туку тие не се доволно информирани за сексуално преносливите заболувања и не користат контрацептивни средства за да се заштитат од болести, а истовремено се спушта возрасната граница на почнување со сексуална активност.
Недоволната информираност лежи во менталитетот на нашето општество во целина, каде ваквите теми се означени како табу, турнати на маргините во обидот што е можно повеќе да се игнорираат, тргнувајќи од онаа старата: „За она што не зборуваш- не постои“.
Децата се препуштени самите на себе
Мотивот, поради кој одлучив да пишувам на оваа тема, лежи во една секојдневна ситуација со мојата сосетка. Таа, релативно млада жена, навлезена во своите рани 30-те години, сега е мајка на 12-годишно момче, кое евидентно навлегува во пубертетот (истражувањата покажуваат дека денешните деца помали навлегуваат во пубертетот за разлика од пред неколку години).
Оваа момче при една детска кавга со неговата помала 10-годишна сестричка, емотивно и бурно реагираше на забелешката на сестрата дека тој почнал сé подолго да гледа во своите соученички. На извикот: „Ти имаш девојка!“, тој очигледно засрамен и навреден се обидуваше да се одбрани од нападите на својата сестра на сите начини- првин вербално, а потоа и физички.
– Добро- се осмелив да и‘ прокоментирам на мајката- зошто не му објасниш дека сето тоа е нормално? Зошто не му објасниш сé што го очекува во годините пред него? Не е срамота да чувствува привлечност кон девојчињата.
– Што има да му објаснувам?! Мене некој ми објаснил ли?! Самиот ќе научи, самиот ќе се снајде? Нема потреба од тоа! Самата природа си има свои начини!- беше нејзиниот одговор.
Мислев да прокоментирам дека можеби поради ова нејзино самоучење и „слушање на природата“ стана мајка на 17 години, но од пристојност премолчев.
Токму ваквите сфаќања ги оставија децата скоро неуки во сексуалното воспитување (не мислам на самиот чин), туку на последиците и одговорностите кои тој со себе ги носи, што од физички, здравствен, а и емотивен аспект.
Сексот е не е срамота!
Сексуалното образование во нашето општество и во 21 век останува во сенка, под тепих, оставајќи им ја задачата на телевизијата, списанијата и интернетот да ги едуцираат нашите деца.
Сето ова тргнува од сосема погрешното сфаќање во нашето општество дека сескот е нешто од што треба да се срамиме и затоа не треба за тоа да се зборува. Сигурно сте сретнале родители кои ги кријат списанијата од своите деца, во кои се наоѓаат разголени слики (а скоро сите списанија денска ги имаат таквите слики) каде се истакнува женската сексуалност.
Сигурно сте сретнале родители кои го исклучуваат телевизорот или го менуваат каналот ако на филмот има сцена на водење љубов, па дури и страсно бакнување, апелирајќи им со тоа на своите малечки дека тоа е погрешно и забрането, наредувајќи им да ги покријат своите очи, ако не успејат да го најдат далечинскиот управувач доволно брзо.
Зошто сето тоа? За да се избегнат следствените прашања од своите деца, кои ќе се заинтересираат од она што ќе го видат. Не правиме табуа од сето тоа само за да ги заштитиме малите (тие и онака не знаат што е тоа), туку да ја спречиме неизбежната ситуација (за нас срамна) во која ќе мора да им објаснуваме на нашите деца за сексот.
Не велам намерно да ги изложувате своите деца на сексуално-ексциплитни материјали и да ги доведувате во ваква ситуација, туку едноставно имајте ја силата и почита кон нив да соодветно реагирате и да им одговорите на сите прашања кога случајно ќе се најдат во неа.
Постојат повеќе причини зошто родителите не разговараат со своите деца за секс. Последното истражување вели дека околу 68 отсто од американските родители, кои признале дека никогаш не започнале разговор за секс со своите деца, изјавиле дека им е срам да го направат тоа. Ако на Американците им е срам, чија култура е скоро па целосно сексуализирана, што мислите како им е на македонските родители, кои живеат во поконзервативно општество, во споредба со американското.
Ваквиот срам се пренесува и врз децата, кои ретко се одлучуваат да разговараат со своите родители на овие теми- делумно од срам, а делумно од страв дека ќе бидат осудени од нив.
Не се разговара ниту со родителите ниту лекарите
„Ретко разговарам со мајка ми за секусалните односи и болестите. Таа е постара од мене 32 години, па и на двете ни е незгодно. Ми се чини дека и кога би се впуштила во сексуални односи, не би и’ признала, а од друга страна недоволно сум информирана за сите сексуално – преносливи болести и контрацептивните таблетки“- гласи пораката на една анонимна девојка, објавена на еден форум посветен на оваа тема.
И не само тоа, денеска тинејџерките многу ретко бараат совет од гинеколог и најчесто тоа го прават кога е доцна, бидејќи во оваа табуизирано општество нема блискост на децата со нивните матични лекари, кои можат да ги разјаснат сите дилеми.
„Мислам дека не е доволно само да одиш во аптека да купиш кондом и да кажеш, готово, знам сè, нели!“- пишува еден средношколец.
Меѓугенерациските разговори во врска со сексот, никогаш не биле едноставни. Но, експертите велат дека децата имаат корист кога со родителите или било кое постаро лице ги водат овие разговори, наместо да се остават тие самите да си ги пронајдат одговорите.
Ако на децата не им се обебзеди соодветно насочување, тогаш младите луѓе пронаоѓаат други извори, а тоа може да биде вистински штетно, затоа што тоа можеби ќе бидат извори кои не се чувствителни на нивните потреби, кои не се соодветни на возраста и не се дел од целосната слика за тоа што е сексуално здравје.
Сексот денес е насекаде околу нас, а сепак на повеќето родители на нашите простори им е тешко да разговараат отворено на оваа тема со своите деца. Во минатото родителите редовно ги избегнувале ваквите деликатни разговори, но времињата се менуваат и денес родителите треба да сфатат дека тие се од суштинска важност за развивањето на комплетна возрасна личност.
Ако вашата мајка не ве подучувала за сексот, не значи дека и вие треба да го прескокнете тој дел од воспитувањето на вашите деца, бидејќи така само се создава круг, кој никогаш нема да биде прекинат.
Некои луѓе сè уште погрешно сметаат дека зборувањето за сексот може да ги опушти децата и тие порано да започнат со сексуалните авантури. Но, вистината е дека сексуалното образование, всушност, ги прави тинејџерите повнимателни.
Автор: Eлена Павловска
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.