Обемот на средствата потребни за давање хуманитарна помош во светот за оваа година изнесува моментално 12,9 милијарди долари, од кои 4,4 милијарди се потребни поради кризата во Сирија, изјави заменик генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања Валери Амос.
Таа на прес-конференција во Женава истакна дека е планирана помош за 57 милиони луѓе во 24 земји, но кон средината на 2013 година бројот на луѓето на кои им е потребна помош е зголемен на 73 милиони.
– Зголемувањето на овој показател во голема мерка е предизвикано од кризата во Сирија и земјите од тој регион, нагласи Амос.
Според нејзините податоци, помош им е потребна на 6,8 милиони луѓе само во Сирија, како и за 5,3 милиони сириски бегалци во соседните земји.
Како држави на кои им е многу потребна помошта на меѓународната заедница, Амос ги наведе Централноафриканската Република, Нигер, Авганистан, Судан, ДР Конго, Јемен и Чад.
На 8 јули земјите донатори обезбедиле 5,1 милијарда долари од потребните средства, а целата 2012 година ОН успеале да обезбедат малку повеќе од шест милијарди долари.
– Оваа година е вонредна, а вонредните ситуации бараат преземање вонредни чекори, истакна Амос.