Осум деца од Македонија на филмскиот фестивал „Џифони“

Од:

Осум тинејџери од Македонија ќе бидат дел од меѓународното жири на најголемиот и најстар филмски фестивал за деца во светот „Џифони експириенс“ во Италија, од 18-ти до 28 јули.  Тие се во групите +13 и +16 и меѓу 3.000 деца од 52 земји ќе учествуваат во дискусиите на различни теми по проекциите на фестивалот, кој годинава е на тема „Засекогаш млад“.

На „Џифони“ секоја година гостуваат познати филмски автори, а оваа  младиот американски актер Логан Лерман и италијанскиот режисер Марко Белокио.

На конкурсот за кратко видео, спроведен во основните и средните училишта во Македонија, идеите на осумтемина селектирани биле најкреативни. Критериум за изборот бил и одлично познавање на англискиот јазик, а некои од нив солидно комуницираат и на италијански.

Шесте девојчиња и двете момчиња кои ќе отпатуваат во малото место Џифони на југот на Италија ќе бидат сместени во семејства. Тие денеска на прес-конференција истакнаа дека се среќни за претстојното искуство и што ќе имаат можност и да ја претстават својата земја.

Директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески рече дека во рамки на фестивалот, на 23 јули ќе биде организиран „Македонски ден на Џифони“, со проекција на пет кратки македонски филмови („Бардо“, „Девојчето со кибритчињата“, „Синот“, „Образ“ и „Жарче“), изложба на триесетина фотографии од Македонија,  вечерен настап на групата „Фолтин“ и дегустација на македонско вино, сирење, ајвар и слатко.

Делегацијата од Македонија е најбројна, покрај претставниците од Катар и Бразил, зашто трите земји го имаат брендот „Џифони“, а Македонија го доби бесплатно. Тоа беше договорено на средбата со директорот на фестивалот, Клаудио Губитоси, кој пролетва ја посети Македонија.

– На 30 мај во Скопје е потпишана тригодишна спогодба помеѓу Филмскиот фонд на РМ и „Џифони експириенс“, со која се предвидува италијанската страна да вложи 74.000 евра за развој на фестивалот „Џифони Македонија“ како регионален фестивал за деца и млади, рече Башески.

„Џифони Македонија“ првпат ќе се одржува во втората половина на октомври. Уметничкиот директор на фестивалот Иво Антов очекува успешно прво издание наесен кога во Македонија ќе дојдат деца од 10 земји – од целиот Балкан и од Италија. Партнерски институции на „Џифони Македонија“ ќе бидат Кинотеката на Македонија и Младинскиот културен центар.

Филмскиот фестивал „Џифони“ е бренд што Италија го гради 43 години и е високорангиран меѓу нејзините културни производи. Соработува со локални фестивали низ светот, а некои од нив целосно го преземаат брендот и плаќаат за него. Македонија е меѓу ретките земји кои го добија бесплатно.

Покрај професионално жири, за наградите од официјалната програма одлучува и меѓународно жири од 3.000 деца. Децата гледаат филмови, а потоа дискутираат за темите, следат работилници и поставуваат прашања и коментари до познати актери и режисери. Џифони не е само фестивал, па затоа и го смени логото во „Џифони искуство“.

Би можело да ве интересира

„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија

Победничката на UpBeat – Best New Talent Award на фестивалот Звукот на Скопје

Битола по теркот на светските џез сцени: Национален Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски – Шпато со изведби посветени на Реј Браун

Предраг Петровиќ

Едукација, хуманост и забава на едно место: Вечерва прво издание на „Ајде фестивалот“ чиј покровител е Хајделберг факултет

Хајделберг Факултетот во Скопје главен покровител на првото издание на „Ајде фестивалот“ во општина Аеродром

Доделена наградата „Мето Јовановски“ на официјалното отворање филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран