Новинарска лекција: Агенциите кон извештаите мора да пристапуваат со поголема одговорност

Од:

Пишува Љубомир Костовски
Фотографија: Sean MacEntee

Објавувањето на изворите на вести, особено кога се работи за документи во изворна форма (преку нивно објавување на сајтовите), треба да е обврска и на агенциите, како тие би ја јакнеле довербата на читателите и би имале и некаков инструмент на самоконтрола во известувањето

Со оглед на фактот што агенциските статии се пренесуваат од многу корисници, новинарите, кои известуваат за настани за одредени агенции или нивни сервиси, секогаш имаат поголема одговорност кон читателите. Непристрасноста, целовитоста и потпирањето врз факти и аргументи кај агенциите секогаш се претпоставува и кон нив јавноста секогаш има речиси априорна доверба. Кога во Велика Британија ќе се рече дека за некој настан јавил Би-Би-Си, тоа значи дека веста или извештајот оттаму треба да се третира како точен или поточен во однос на она што е објавено од сопствени извори во другите медиуми! Секако, историјата на агенциското известување бележи спротивни примери, како што се она „ТАСС објавува“ , „Како што пренесува ТАНЈУГ“ и слично, кога државните агенции служеле за кон внатрешната, а особено кон надворешната јавност да пренесат одредено мислење или став на државното раководство во идеолошки монополизираните системи.

Она што е повод за ваквиот вовед е извештајот на МИА од седницата која за нас секако беше многу интересна, бидејќи, се случуваше последните денови пред европските институции да го оценат напредокот на земјите-кандидати за влез во Европската унија, односно тие евентуално да добијат дозвола да стапнат чекор поблизу во евроинтеграциите. Во конкретниот случај се работеше за поднесениот Извештајот за постмониторинг дијалогот со Македонија, виден низ очите на МИА, а пренесен од најмалку две дузини медиуми кај нас. Извештајот што беше поднесен го изработи британскиот парламентарец, Роберт Волтер.

Извештајот на МИА, доколку се спореди со овде-онде објавените и поинаквите читања на истиот, односно со оригиналните текстови објавени на сајтовите на институциите на Унијата, јасно покажува дека содржи редукција на оние делови од извештајот на Волтер, каде е недвосмислена критиката кон актуелната власт или таа е направена така што критиките врз власта се претставени во помал обем. На моменти се добива впечаток дека известувачот на МИА можеби следел некој друг настан!

Извештајот на агенцијата МИА, која, може да се рече по името, дури и наспроти не толку долгата традиција, сепак го претставува и новинарството на целата земјата во однос на вистинитоста и заснованоста на факти, има сериозен проблем во изборот на темите и цитатите, кои не ја одразуваат суштината на изнесеното од страна на известувачот Роберт Волтер.

 

Извештајот на МИА, кој е доста опширен од формална точка на гледање, централно место става на критиките кои ги дава Волтер на позицијата на Грција во преговорите со името, при што се цитира делот кој се однесува на непочитувањето на одлуката на Судот во Хаг од 5 декември 2011 година од страна на Грција.

“Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) жали што прашањето за името продолжува да го одложува отворањето на преговори за членство во ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата (ICJ) од 5 декември 2011г од страна на Грција. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето за името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот”.

Ова е, инаку, цитат кој не извира во толкав обем од скусениот, презентиран извештај на Волтер, туку од оној подолгиот, усвоениот, како и од заклучоците на резолуцијата на ПССЕ за Македонија и препораката.

Сите овие три документи заедно ставот во однос на преговорите со Грција го маргинализираат, односно не му даваат ниту од далеку такво значење, како што тоа го прави известувачот на МИА. Без оглед што ние мислиме за ваквиот пристап,  документите на ПССЕ за Македонија далеку најголемо внимание посветуваат на меѓунационалните односи во земјава. Ако пренесениот заклучок за односите со Грција е практично усвоениот став 2, следните пет ставови и со број и со содржина се однесуваат на меѓунационалните односи!  (Од број 3 заклучно со број 7, со што една од точките, четвртата, која има многу алинеи со прецизирања и дообјаснувања, е посветена на земјава како „поделено општество.“)

Извештајот, значи, сакале тоа да го признаеме или не, не става голем акцент на македонско-грчките односи, туку на меѓунационалните односи внатре, гледани од аспект на спроведување на Охридската спогодба. Неколку членови се посветени на политичките односи и тие немаат нималку добра оценка, а изворот на проблемите е јасно ставен на настаните од 24 декември 2012 година (тоа се заклучоците од 8 до 12), што јасно ја одбележува драматичноста на тој настан за европските институции, а што, во извештајот на МИА го нема воопшто, односно само се напомнува дека „посебен дел е посветен на настаните до 24 декември“ и толку!

Ист е случајот и со слободата на медиумите, кои во заклучоците по Извештајот се содржани во два посебни членови (еден за рангирањето на медиумите и нападите врз нив – член 6, односно за финансирањето од страна на државата на одредени медиуми, кои, се вели, се 50 отсто од сите медиуми во земјата, на што во Извештајот на Волтер е посветен членот 12).

Ова се само илустрации, кои на помладите новинари треба да им објаснат како се манипулира при известувањето од еден значаен собир и нешто што во основа е драматичен осврт врз политичките состојби во Македонија и посебно во однос на растечките меѓунационални проблеми и поделби, а што во „рапортот“ на МИА се претвора безмалку само во – наводна недвосмислена критика за Атина. Најголем дел од содржината на извештајот на Волтер, како и на документите кои потоа уследиле и кои се усвоени со огромно мнозинство од присутните, дописникот на МИА практично ги турнал настрана. Но, затоа, само тој видел дека Извештајот нѐ споменува цело време со името Македонија (видете го скриншотот на извештајот на МИА објавен во Утрински за да се уверите дека тоа се тврди од страна на МИА) и при тоа се користи придавката македонски. Тоа воопшто не е вистина и читателите од сајтовите лесно можат да се уверат дека се користи стриктно изразот „Поранешна југословенска…“, што покажува дека некој во текстот на Волтер видел нешто што сакал да види, а не што тој содржи!

Оттаму, сериозна агенција во ова совремие мора да им ги понуди изворите на информирање на своите читатели, кои, освен што ќе го прочитаат текстот на новинарот (дописникот), ќе можат да стекнат и пошироки сознанија за некој настан.

Зошто е ова важно – би се прашале помладите колеги? Најпрвин ова ќе покаже дека агенцијата навистина се потпира врз сигурни извори и така ќе ја заслужи априорната доверба во иднина, кога некој читател или корисник на информација од агенцијата ќе нема време или интерес да пребарува по сајтовите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia). 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска