Академик Томе Серафимовски и Слободан Богоевски, долгогодишен прв човек на УБК не го минаа лустрациското сито на Томе Аџиев.На седницата требаше да се расправа и за академик Божин Павловски, но на тоа се спротивставиле членовите на Комисијата од албанска националност. Павловски жестоко го критикуваше лустрирањето на Славко Јаневски.
Тој испрати отворено писмо до премиерот Груевски, МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија.
Ви го пренесуваме отвореното писмо на Павловски кое го објави Плусинфо:
Отворено писмо до Никола Груевски, премиер на Република Македонија, до Македонската академија на науките и уметностите и до Друштвото на писателите на Македонија
Почитуван господине Никола Груевски,
почитувани академици,
драги колеги писатели,
Во овие 90 дена, откако по триесет и први пат си дојдов во старата татковина, открив дека во Вашата непосредна близина се случува загрижувачки процес на гниење.
Се добива впечаток дека некој во Ваше име го разнебитува македонскиот вредносен систем трпеливо граден цели 70 години. Ни во сон не можев да поверувам дека Неговата екселенција премиерот ќе дозволи осрамотување на одамна починати стожерни имиња во нашата култура и уметност, што во нормални држави е незамисливо, ниту е во доменот на политиката, туку исклучиво на научната и стручна сфера.
Македонскиот закон за лустрација изгледа како копија на еден од првите закони што го изгласаа Црвените Кмери во Камбоџа, кој послушниците на Пол Пот го дообјаснија во весниците со кампањата наречена “Да се прочистиме”, што е пак идентична со кампањата на овдешните владеачки кадровици. Одете во Пном Пен за да ги видите последиците од тоа одмаздничко прочистување, а таму посетете ги затворите и душевните болници во кои лежат последните извршители на тој геноцид. Пред да го осиромашат и раселат народот јуришниците на Пол Пот ги покосија уметниците, научниците, публицистите…интелигенцијата… за да останат помалку сведоци на идната трагедија.
Прочистувањето на уметниците, научниците и публицистите секогаш го спроведуваат високоплатени малоумници. Почнуваат со горчлива шега иако на крајот завршуваат на буништето од историјата. Во здрави општества закон “за прочистување” задолжително се усвојува со консензус на власта и опозицијата заради поголема хигиена во државата. И за да не може опозицијата да донесе свој закон кога ќе ја освои власта. Реваншизмот е крволочен процес во кој не страдаат само умоболни политичари, туку недолжните и немоќните, жените и децата.
Спаѓам меѓу уметниците и културните дејци што ја одиграа историската улога во забрзаната македонска еманципација. Афирмацијата на македонскиот духовен простор беше проследена со големи искушенија, а творците од сите области се вложија себеси во процесот на зреење што забрзано го поминуваше нашето историски хендикепирано општество. Тврдам дека само високата свест, немерливиот ентусијазам и желбата за процут на духовните вредности, им биле водилки на уметниците, научниците и публицистите во Македонија. И не можам да си објаснам зошто таа интелигенција толку многу и толку бројно се осрамотува? Нема ли кормилар оваа држава што ќе го спречи новиот политички криминал?
Пред 25 години, кога си заминував од овој колнат простор, можев барем да се пофалам дека зад себе оставам импресивна бројка од 5 илјади наслови книги издадени на македонски јазик, во компанија основана лично од мене, и со пристоен фонд уметнички дела што имаа освоено многу домашни и три меѓународни признанија.
Но и сега, кога во знак на протест, излегувам од Академијата на науките по 25 години активно членување, и од Друштвото на писателите по рамно 50 години, имам чувство дека во нашава средина постигнав добри резултати. Дури 52 изданија од мојот опус се објавени на странски јазици, што овозможи и за моите нови дела да не се користат никакви државни субвенции.
Со извесна гордост се сеќавам дека сум единствен трикратен добитник на највисоката награда “11 октомври”: во 1971 за легендарната “Мисла”, во 1978 за романот “Вест Ауст” и во 2008 за животно дело во уметноста. Тоа не е мала утеха за човек опседнат со идеали дека бил во служба на својот народ, дома и во дијаспората.
Повлекувајќи се од институциите што ги контролира актуелниот режим, со целосна лична смиреност Ве известувам дека во својата втора татковина на најубав начин ќе продолжам да си ја промовирам својата прва татковина. Во јуни 2016 година моите весници ќе го доживеат јубилејното триилјадито издание, со импресивен број продадени примероци. Двојазичниот проект “Моите австралиски романи” во 10 томови што ги создадов во последните 25 години ќе ми биде посебна утеха, затоа што обработува македонски теми.
Збогум со здравје, Ваши екселенции. Одвреме – навреме веројатно ќе се среќаваме на македонските улици и распаќа, затоа што ќе продолжам да си ја посетувам својата сакана Македонија. Ве молам да се поздравуваме со насмевка.
Господ нека Ви го просветли умот.