Каков колосален шутрак, да се чудиш!

Од:

Златко Теодосиевски, во колумната „Глупоста продолжува…или некои нови умови“, на блогот Теодосиевски, пишува за Ацо Станковски – Сарајлија, како што вели, неизбежната мирудија во сите понови македонски манџи и чорби.

Не знам колкумина можеле да претпостават кој друг може да се вброи меѓу оние

нови македонски „умови“ и новопечени македонски „теоретичари“, меѓу оние новокомпонираните македонски „пророци“ чии теории од малиот мозок ќе го одведат ова општество во просперитетна иднина. Кој друг ако не Ацо Станковски – Сарајлија, неизбежната мирудија во сите понови македонски манџи и чорби. Којзнае кому толку му се бендисал „мирисот“ на оваа наша локална мирудија, па го пикаат секаде? А мирудиите од неговиот сој се всушност многу прости: малку тревка „смрдливка“ (има интересен киселкасто-горчлив вкус, но засмрдува ако се претера!), малку староотомански зачин според шеријатското право, трошка тревка директно од кафулињата од Амстердам (онака, за современ шмек), и – толку! Зачинот за многумина делува опојно, но со краткотрајно дејство. А после …? Е после е проблемот. Боли глава, убива! И предизвикува нагони за повраќање.

Како и да е’, без Сарајлија ништо не е вкусно и интересно, па и стрипон „Скопје продолжува, три точки“. Зашто, никој не може како типчево да ни ги објасни скриените естетски намери на она што го нарекуваат „Скопје 2014“. За архитектурата на овој „проект“ слушаме многу, главно од „стручни“ архитекти како Живковски, па Жан и компанија, па една архи-тетка со огромна вештачка ружа врз градите ни ја објаснува „идејата“ за објектот (ама не кажува какви се оние смешни фигурини по фасадата и покривот, и што сакал „авторот“ да каже со нив!), итн.

А пусти Сарајлија се смета за повикан токму тој да толкува некаква естетика или можеби уметничките намери и идеи искажани низ дилетантските дела на овој „вонвременски“ проект. И, нормално, никако не разбравме од каде овој човек се смета, или го сметаат, за компетентен да говори за уметност, естетика и слични софистицирани нешта. За историја – да, за политика – секако, за музеи – се разбира, муабет да не правиме, потоа знае можеби по нешто за влијанието на зачините врз манџите и чорбите во Македонија, ама за естетика? Да се чудиш!

(Затоа пак никој, на пример, од наброените големи градители, архитекти и естети не поминал до граничниот премин Табановце да ги види „тоалетите“ со коишто ги дочекуваме странците во ова вонвременско место! Наместо да одат да ги поднаправат тоа чучавците што онака „спремно“ и „отмено“ ги дочекуват гостите, тие ни го „разубавуваат“ центарот на Скопје!).

Како и да е’, Сарајлија, онака несебично, се одважи целосно да ни го објасни, конечно да го сподели со нас, естетскиот концепт на ремек-делото наречено „Скопје 2014“. И за тоа треба да сме му благодарни.

Значи, Сарајлија ни тврди дека Македонија, како што вели тој, нема ништо од новиот век, (што уште еднаш ја покажува неговата плиткост, но нејсе)! Значи, од доаѓањето на Османлиите на Балканот, па се’ до некогашната Вардарска бановина од почетокот на 20от век, во Македонија нема никакво европско влијание, нема ништо, вели „стручњаков“. И појаснува: нема Ренесанса, нема Барок, нема ова, нема она, нема Импресионизам, нема … ништо! (И овие денес, овој тупак го сметаат за – патриот?).

Во видокругот на оваа персона за неговата „сакана“ Македонија, не влегува ништо што е локално, и наше, но и локално „туѓо“. Овој капиталец меѓу тутурутките не чул дека многумина, денес, фреските во Св. Пантелејмон во Нерези ги сметаат за зачетоци на Европската Ренесанса во живописот. Или, во најмала рака, сигурно е Македонска Ренесанса! Понатаму, Сарајлија е во право дека Македонија нема Барок, барем не онаков Европски. Но има Македонски Барок во фрескоживописот и иконописот, па и „барокизирани“ елементи во локалната градителска традиција. Ама тој тоа ниту го знае ниту пак може да го види! Понатаму, умее ли тој да ги види аспектите и финесите на развојот на црковното градителство, па дури и европските влијанија во одделни елементи? Чул ли овој слеп при очи и глув при уши човек за Андреа Дамјанов? Видел ли нешто од таа тооолку сакана Македонија за којашто помодре во градите, од нејзината уметност и архитектура? Или, ако сакаме, чии се Даут пашин амам, Чифте амам, Хавзи пашините конаци …? Османлиски, Турски …? Ма немој! А што е, и во каков стил е Сарајот на Ахмет Нијази-бег во Ресен? Османлиска неокласика? Но, за овој тотален дунстер се’ е можно.

Значи, според шутраков, македонската култура ги пропуштила сите главни европски правци и, вели тој, да почнеш со некој постимпресионизам кај Мартиноски, Личеноски и Пандилов, е навистина катастрофа!? И затоа, сега, пред нас претстоела оообемна реставрација, при што ќе ни ги враќале загубените / пропуштените европски стилови!

Па, мислам, колку човек треба да не знае, колку да не си ја познава ни историјата ниту уметноста, колку некој таков човек треба да мисли дека сите околу него се еднакви како него незнајковци, за да тресе такви глупости? Тоа веќе не е незнаење, не е неинформираност, тоа преминува во некакви чудни патологии со коишто треба да се бават стручни луѓе.

И навистина не знам до кога вакви приучени „авангардисти“, вакви недоквакани „естети“ и „историчари“ ќе кројат судбини и градови, истории сегашни и минати? До кога ќе трпиме вакви креатури да ни кажуваат што и како треба да правиме, да ни држат предавања за нешто што во старт не го разбираат? И што правела оваа несреќна Македонија цели пет века? Буљела во празно и го чекала Сарајлија и компанија да и’ кажат што и како треба да се гради, што и како треба да се слика, што и како треба да се мисли …?

Каков колосален шутрак, да се чудиш!

Златко Теодосиевски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска