ЈП„Водовод и канализација“ не ги послуша антикорупцинерите и во ек на изборна кампања ги отпиша каматите на вкупно 396 неплаќачи на вода кои се обврзале да го платат заостанатиот долг на рати.
Државната комисија за спречување на корупцијата предупреди дека ваква акција, организирана во изборен период, може да се протолкува како изборен поткуп со водата за пиење, но предупредувањето не го исплаши јавното претпријатие кое во петокот ја заврши акцијата за отпис на каматите за заостанатите долгови кои корисниците ќе се обврзат да ги платат.
„Со самиот отпис во нерамноправна положба се ставаат граѓаните, оние кои редовно го плаќале сметките и оние кои не плаќале. Доколку државата сака да води социјални политики, може да се воведе мерка социјално загрозените категории да се ослободат од плаќање, но не да се носат вакви генерални одлуки и политики. Ова, особено пред избори, е начин на суптилно влијание врз гласачкото тело. Зошто оваа мерка се темпира токму во овој период, а не после изборите? Тоа е исто како што сега се спроведуваат сите проекти во општините, токму пред избори. На некој начин, ова е манипулација со граѓаните“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција за „А1он“.
Од ЈП „Водовод и канализација“, немаат коментар за предупредувањата за изборен поткуп со водата за пиење. Претпријатието, без оглед на изборите, не гледа ништо спорно во периодот избран за спроведување на акција која почна на 23 август, а заврши на 1 октомври.
„Во согласност со спроведената пракса во изминатите три години, така и оваа година ЈП ’Водовод и канализација’ – Скопје, продолжи со спроведување на акциите за наплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање и можност за репрогамирање на долгот за исплата на рати. Сите акции кои досега се спроведени, генерално се спроведени во ист период од годината, па така и оваа. Спроведувањето на вакот тип на акции, се покажа како поволна можност за граѓаните да го сервисираат својот долг кон ЈП ’Водовод и канализација’ – Скопје, а особено во период на пандемија, кога многумина се соочија со финансиски проблеми“, велат од „Водовод“ за „А1он“.
Претпријатието не кажа од колку пари се откажало со отписот на каматите, но посочи дека склучените 396 договори се за плаќање на основниот долг за вода со вкупен износ од 33,1 милион денари. Од нив со физички лица се склучени 385 договори за отплата на заостанатиот долг на рати во висина од 32,122,241 денар и со правни лица се потпишани уште 11 договори за отплата на заостанатиот долг на рати во висина од 1,045,245 денари.
Државни институции меѓу најголемите неплаќачи на сметките за вода
Неплаќачите на вода кои се охрабриле да склучат договори за плаќање на рати се сосема мал дел од должниците. Од „Водовод“ објаснуваат дека вкупниот долг за вода кај физичките лица, согласно пресметките до први септември, изнесува 2,300,000.000 денари по основ на тужени фактури и 280,000.000 денари по основ на нетужени фактури, а вкупниот долг за ненаплатена вода на правни лица изнесува 685,000,000 денари.
Најголем долг за вода има Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар – Скопје. Има неплатена вода во износ од 96,336,804.00 денари. Зад нив е Јавното комунално претпријатие „Зелениково“ со долг од 39,711,202.50 денари, а трет најглем неплаќач меѓу државните институции е Индустријата за алуминиумски полуфабрикати,метални конструкции,ентериери и инженеринг „Алумина“ АД-Скопје со долг за вода во износ од 38,570,805.18 денари.
„Со овој прилог „А1он.мк“ се приклучува кон кампањата ‘Разбистри сè’, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје“