Државите од јужноамериканскиот трговски блок, Меркосур одлучија да ги отповикаат своите амбасадори во Шпанија, Франција, Италија и Португалија заради консултации, јави ДПА.
Бразил, Аргентина, Уругвај и Венецуела планираат да побараат официјално појаснување од четирите европски земји за нивната одлука за затворање на нивниот воздушен простор за време на летот на боливискиот претседател Ево Моралес минатата недела.
Уругвајскиот министер за надворешни работи Луис Алмагро изјави дека четирите држави од Меркосур ќе ги отповикаат своите амбасадори во овие европски земји заради консултации за случајот.
Боливија побара извинување од Шпанија, Италија, Франција и Португалија, за кои се претпоставува дека музабраниле прелет на авионот на Моралес, кој се враќаше од Москва, поради сомневањата дека во него се наоѓа поранешниот соработник на ЦИА и НСА, Едвард Сноуден, кој од САД е обвинет за шпионажа.
Моралес изјави дека земите од Меркосур би требало да формираат правна комисија, која ќе поднесе тужба против САД за шпионажа во Латинска Америка и други делови во светот.
Тој истакна на самитот на Меркосур во Монтевидео дека земјите од регионот имаат целосно право да се заштитат себе и на меѓународно ниво.