Џулиус и Патапутијан се добитници на Нобеловата награда за медицина

Од:

Американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан се добитници на овогодишната Нобелова награда за медицина за откривање на рецептори за температура и допир, соопшти денеска Комитетот за доделување на награда.

Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија, и е во вредност од 10 милиони шведски круни или 1,1 милион долари.

– Нивните откритија отклучија една од тајните на природата, објаснувајќи ја молекуларната основа за чувство на топлина, студ и механичка сила, што е основно за нашата способност да чувствуваме, толкуваме и интерактивно да делуваме со нашата внатрешна и надворешна средина, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет во Стокхолм.

Дејвид Џулиус (65), професор на Универзитетот во Калифорнија, користел капсаицин, активната состојка во чили пиперките, за да ги идентификува нервните сензори кои овозможуваат кожата да реагира на топлина.

Дванаесет години помладиот Ардем Патапутијан, Американец со либанско-ерменско потекло, е професор на Институтот Скрипс во Сан Диего, Калифорнија. Тој користел клетки чувствителни на притисок за да открие нова класа рецептори кои реагираат на механички дразби на кожата и внатрешните органи.

– Тоа е всушност нешто што е клучно за нашиот опстанок, така што е многу важно и длабоко откритие, изјави Томас Перлман од Нобеловиот комитет.

Перлман рече дека успеал да разговара со двајцата лауреати пред да биде објавена веста.

– Имав само неколку минути за да разговарам со нив, но тие беа неверојатно среќни. Колку што можев да оценам, тие беа многу изненадени и можеби малку шокирани, рече Перлман.

Традиционално, со Нобеловата награда за медицина почнува неделата на доделување на Нобеловите награди.

Би можело да ве интересира

Затворената иранска активистка Наргес Мохамади е добитничка на Нобеловата награда за мир

Норвешкиот писател Јун Фосе добитник на Нобеловата награда за литература

Научниците кои го овозможија развојот на вакцината против корона ја добија Нобеловата награда

Затворениот белоруски нобеловец тврди: Русија сака Украина да биде зависна диктатура

Горан Наумовски

Норвешкиот Нобелов комитет ја повика Белорусија да го ослободи годинешниот лауреат Бељацки

А1он

Сите овогодинешните нобеловци се противници на Путин и Лукашенко, со години ја критикуваат власта

А1он