Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија на 6 октомври „уште еднаш ќе укаже на стратешката важност на регионот за Унијата“, а клучните финансиски институции ќе презентираат како може да се помогне за закрепнувањето на регионот, додека лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе објаснат како да се продлабочи политичкиот дијалог, безбедноста и регионалната соработка и решавање спорови. Ова го посочи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во својата порака до учесниците на самитот, кој подвлече дека ангажманот на Унијата на Западен Балкан исто така ќе биде важна тема.
Мишел истакна дека на специјална сесија, претставници на Регионалниот совет за соработка, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка „ќе ги презентираат своите ставови, а фокусот ќе биде на зајакнување на нашиот ангажман за забрзување на општествените економско закрепнување и одржлив развој“ на регионот.
Мишел истакна дека тема ќе биде и како „силно да го поддржиме закрепнувањето по пандемијата врз основа на Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан“.
На втората сесија на самитот, лидерите на ЕУ и лидерите од Западен Балкан „ќе имаат можност да стават до знаење како може да се продлабочи нашиот политички дијалог, безбедносната соработка и стратешкиот ангажман, потврдувајќи ја нашата заедничка определба кога станува збор за работа кон силна, стабилна и обединета Европа“, пренесува Бета.
Претседателот на Европскиот совет, тело во кое се шефовите на држави или влади на ЕУ, наведува дека на работната вечера ќе се разговара за улогата на Унијата на светската сцена во однос на настаните во Авганистан, Безбедносниот пакт САД-Велика Британија-Австралија и развојот на односите на ЕУ со Кина.
„Како што утврдивме во Стратешката програма на ЕУ 2019-2024, неопходно е Унијата да продолжи со својата стратешка акција и да ја зајакне својата способност да биде независен фактор со цел да ги зачува своите интереси, да ги промовира сопствените вредности и животниот пат, и да помага да се обликува иднината на светот“.
Шефот на Европскиот совет нагласува дека ова „бара ЕУ да биде поприсутна и поделотворна, додека односите со нашите трансатлантски партнери и силите во развој мора да бидат клучна компонента на нашата силна надворешна политика“.
„Целите на ЕУ во овој поглед“, објаснува Мишел, „не се промениле, но најновите случувања бараат од нас да размислиме како најдобро можеме да ги постигнеме“.
„Клучно е да постои заедничко разбирање за глобалните предизвици и начини за справување со нив, без разлика дали се работи за климата, енергијата, трговијата или безбедноста, и што е најважно, да сме обединети во ова“, заклучи Шарл Мишел.