Заев – Бесими: Со системско решение за стабилни финансии до ефикасни услуги на општините со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа

Од:

Повеќе средства и стабилни приходи на општините, со крајна цел подобри и поефикасни услуги за граѓаните и засилен локален развој, е целта на реформата за унапредување на фискалната децентрализација што ја подготви Министерството за финансии, а Владата нa седница вчера ги прифати предложените измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Реформата која на системски начин ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни и непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните, денеска на прес-конференција ја претставија премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. На прес-конференцијата присуствуваше и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

„Како централна власт работиме заедно со општините за реализација на развојни проекти за граѓаните да добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, општина и населено место. Процесот на децентрализацијата мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев, потсети дека во 2018 година со 50 милиони евра им се помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг, со цел да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој со години се таложеше во долгови и блокирани сметки и истакна дека сега се оди со трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините за финансиска независност, градење капацитети и услови за привлекување нови инвестиции за економски развој.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата нагласи дека реформата се состои од три столба: зголемување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на приходите на општините, зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, и зголемена транспарентност и отчетност. Мерките и активностите, како што додаде, ќе обезбедат дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, како и засилен локален и регионален развој.

Со новото законско решение општините ќе добијат повеќе приходи од личниот данок на доход и од стапката на дотација од ДДВ.

„Со цел зајакнување на фискалниот капацитет на општините во овој Закон предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход од 3 % на 6 % до 2024 година, односно процентот за 2022 година ќе изнесува 4%, за 2023 година 5% и за 2024 година 6 %. Овој приход општините го добиваат од приходот од данок на личен доход од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека дополнително во насока на подобрување на фискалниот капацитет и зголемување на приходите на општините во Законот се предлагаат и измени за постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ од 4,5% на 6%. Со ова се овозможува обезбедување приходи од ДДВ во висина од 6% од наплатениот ДДВ остварен во претходната фискална година започнувајќи од 2024 година. Исто така, и тука е предвидено порастот да биде постепен така што во 2022 година ќе изнесува 5 % и во 2023 година 5,5%.

Средствата ќе се распределуваат во три фонда и тоа: Основен фонд 4,5% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година и во Фондот за перформанси и Фондот за изедначување по 0,75% од наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година.

Министерот Бесими истакна дека со ова општините ќе имаат 1,7 милијарди денари повеќе средства.

„Согласно проекциите со предвидените 3% од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Дополнителните 3%, согласно Фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ во 2024 година со 4,5 % предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6 % ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупниот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво“, појасни министерот за финансии Бесими.

Реформата предвидува и активности во насока на зголемување на финансиската дисциплина и ефикасност, намалување и репрограмирање на доспеаните, а ненамирени обврски.

„Новост, како што истакна министерот Бесими, е дека финансиска недисциплина ќе се прогласува по сила на закон, со исполнување на критериумите за настанување на финансиската дисциплина. Тој додаде дека идејата не е да се блокираат општините, туку тие ќе имаат на располагање три инструменти, односно можност за користење на условен кредит (standby) од Министерство за финансии, издавање општинска обврзница за познат купувач и издавање структурна обврзница од страна на Министерството за финансии.

За користење на еден од инструментите, кои се со времетраење до 10 години, општините ќе доставуваат барање до Министерството за финансии врз основа на Планот на мерки за надминување на финансиската нестабилност.

Во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, со реформата предвидени мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на обврските, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општински обврзници и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.

Исто така, во насока на зајакнување на фискалната одговорност на општините со законските измени се очекува и зголемување на транспарентноста на работењето на општините, со кое општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб страни, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

СДСМ: Докажете или престанете да лажете за Филипче

Предраг Петровиќ

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

МФ: Новата ПЕР 2024-2026 усвоена од Владата, поставена основа за нашата Реформска агенда за Планот за раст на Западен Балкан

Бесими: Минатата година највисока реализација на капиталните инвестиции

Нема пари во Буџетот за зголемување на платите на функционерите во 2024 година, тврди Бесими