Нацрт-работната верзија на законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги беше тема на средбата во Виена на македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.
Министерството за информатичко општество и администрација попладнево соопшти дека на средбата на која учествувале и експерти кои се дел од работната група за изготвување на законот, се дискутирало за повеќе одредби од нацрт-верзијата кои беа предмет на интерес на пошироката медиумска јавност.
– Ние настојуваме да ги надминеме различните перцепции за важни членови од законот, кои ќе ја подобрат слободата на медиумите во нашата земја. Исто така, ја цениме поддршката од ОБСЕ и очекуваме соработката на тој план да продолжи, истакнал министерот Ивановски.
Мијатовиќ навела дека процесот на подготовка на законот е внимателно следен од страна на ОБСЕ.
– Многу сум задоволна што министерот ја иницираше оваа средба, со што ние би можеле да се вклучиме во дискусијата. Ја користам оваа прилика да ги повикам претставниците на Здружението на новинарите на Македонија, под итно повторно да се ангажираат во јавните консултации во врска со нацрт-законот, навела, според соопштението, по средбата Мијатовиќ.
Претставникот на ОБСЕ, се вели во соопштението, истакна дека поголемиот дел од предложените измени ќе бидат дел од изменетата верзија на нацрт-законот.