Ирската нискобуџетска авиокомпанија „Рајанер“ денеска ја зголеми својата проценка за бројот на патници во следните пет години, наведувајќи ја побарувачката во Европа и намалениот капацитет во секторот за авионски патници поради пандемијата на Ковид-19.
Најголемиот нискобуџетен авиопревозник во Европа сега очекува да превезува 225 милиони патници годишно до 2026 година, 25 милиони повеќе отколку што беше претходно предвидено.
– Мислам дека зголемената проценка за бројот на патници е само одраз на побарувачката во Европа, на многу места постои јаз меѓу понудата и побарувачката бидејќи другите авиокомпании не успеаја или го намалија капацитетот и ние планираме да влеземе, изјави извршниот директор Мајкл О‘ Лири.
Пред пандемијата, Рајанер превезуваше 149 милиони патници годишно, а сега се очекува да пренесе 100 милиони патници до крајот на март 2022 година, паралелно со закрепнувањето на авиокомпаниите од прекинот предизвикан од пандемијата на Ковид 19.