Образовниот систем е во добра кондиција и успешно се спроведува наставата со физичко присуство, според новите наставни програми за прво и четврто одделение предвидени со реформата во основно образование. За ова, но и за други актуелни теми денеска министерката за образование и наука Мила Царовска разговараше на редовен координативен состанок со директорите на основните и средните училишта, соопшти Министерството за образование и наука.
Директорите од основните училишта, како што се посочува, ја информираа Царовска дека нема потешкотии во инсталирањето на дигиталните учебници за четврто одделение. Апликациите веќе се испратени на родителите, а исто така се спуштени и на интерактивните табли во училиштата на кои учениците ја следат наставата. Првачињата исто така се обезбедени со нови учебници. Тие посочија дека наставниците и учениците се задоволни од новите наставни програми кои се поинтересни и со внимание ги реализираат и следат часовите.
На состанокот директорите ја информираа министерката за состојбата со Ковид-19 и посочија дека во сите училишта и во средните и во основните доследно се почитуваат мерките за заштита.
– Според податоците коишто ги добиваме од вас во моментот само 0,01 отсто од вкупниот број ученици се позитивни случаи. Ист е процентот и кај наставниците. Ова укажува дека бројот на активни случаи во училиштата е минимален и засега немаме трансмисија на вирусот во училиште. Апелирам на одговорно однесување од сите нас и на строго почитување на мерките, бидејќи покрај со вакцинацијата која е најдобрата заштита, од вирусот не штитат и маските и честата дезинфекција на рацете и просторот, рече министерката Царовска.
Министерката посочи дека во интерес на сите ученици, на наставниците и на родителите е училиштата да останат отворени што подолго за настава со физичко присуство бидејќи тоа е најдобрата опција.
– Образовниот систем е подготвен и со уште две сценарија кои може да започнат да се применуваат веднаш доколку се појави таква потреба, за што одлучува Комисијата за заштита од заразни болести. Важно е сите ние будно да ја следиме состојбата и навреме да реагираме кај епидемиолошките служби доколку постои сомнеж за позитивен случај, рече Царовска.
Министерството за образование и наука ја продолжува секојдневната комуникација и координација со училиштата со цел да се обезбедат безбедни услови и квалитетна настава, стои во соопштението.